Годината 2025 би можела да се покаже како втора или трета најтопла од индустриската револуција наваму, предвиде денеска Светската метеоролошка организација (СМО).
Прогнозата се темели на податоците што СМО ќе ги претстави в понеделник на Конференцијата на ОН за климатски промени, позната како КОП30, во Белем, Бразил, пренесе ДПА.
Периодот од 2015 до 2025 година бил најтоплиот 11-годишен период откако почнало мерењето пред 176 години, соопшти СМО чие седиште е во Женева. Организацијата додаде дека 2023, 2024 и 2025 биле трите најтопли години. Секој месец од јуни 2023 година поставил нов температурен рекорд, со исклучок на февруари оваа година.
Меѓу јануари и август, просечната температура била околу 1,42 степени Целзиусови над нивото од периодот 1850 – 1900 година, наведува СМО.
Организацијата истакна дека многу региони во Африка и Азија биле погодени од поплави, а во Европа и Северна Америка имало шумски пожари, како и повеќе урагани.
Досега, 2024 година била најтоплата, со 1,55 степени над референтното ниво.
СМО забележа дека концентрациите на стакленички гасови во 2024 година повторно достигнале рекордни вредности и продолжуваат да растат. Арктичкиот морски мраз по зимата се зголемил помалку од кога било откако се водат записи.
Иако стапката на пораст на нивото на морето малку се забавила поради природни појави, растечкиот тренд продолжува, се вели во извештајот.

