Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во просториите на Град Скопје пристигна со букет свежи цвеќе за неговата претходничка Данкела Арсовска.
По средбата, Ѓорѓиевски во изјава за медиумите најави дека вечерва од 20:30 часот започнува акција за темелно чистење на главниот град, со која, како што рече, ја започнува реализацијата на првото ветување до граѓаните, враќањето на градот во нивни раце.
„Започнувам со првата работа што им ја ветив на граѓаните, тоа е градот да го ослободиме и да го вратиме на граѓаните, со демонтажа на тие рампи кои што беа пред влезот на Град Скопје. Вечерва од 20:30 започнуваме со темелна активност за чистење на главниот град, изјави Ѓорѓиевски.
Истакна дека појдовната точка ќе биде пред паркингот кај салата „Борис Трајковски“, од каде ќе започне 72-часовната акција за чистење на главниот град.
„Појдовната точка ќе ни биде пред паркингот на Борис Трајковски, спортската сала, и ве поканувам сите како медиуми да присуствувате. На истата, во наредните 72 часа, ќе дадеме сè од себе да блесне градот Скопје онака како што практично ветив на моите сограѓани“, рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот најави ребаланс на буџетот со кој ќе се предвидат нови проекти, но и завршување на веќе започнатите.
„Ќе спремаме брз ребаланс којшто ќе треба скоро да го донесеме. Ребаланс којшто ќе содржи нови проекти кои што ќе ги започнеме и ќе се фокусираат во градот Скопје, но и оние проекти кои што останале недовршени во изминатиот период. Ќе се фокусирам наредниот период да бидат конечно одблокирани и да имаат брз расплет, односно брза реализација. Како клучни моменти, булеварот „Борис Трајковски“, двата моста „Пензионер“ – „Љубљанска“ и „Михајло Апостолски“, генерално во Аеродром,“ нагласи Ѓорѓиевски.
Додаде дека е во комуникација со јавните претпријатија и дека веќе се преземаат чекори за нивно нормализирање.
„Во понеделникот имаше 16 исправни возила од Комунална хигиена, мислам дека до вечерва ќе успееме да имаме околу 40 возила на располагање. Дополнително ќе помогнат и колегите градоначалници од внатрешноста, ќе бидат вклучени цистерни за перење на улиците. После долго време ќе ги переме и улиците во главниот град, плоштадот ќе се пере вечерва, кејот сериозно ќе се чисти и ќе се пере, така што дел по дел ќе ги ревитализираме и јавните претпријатија, да ги доведеме во нормала“, истакна Ѓорѓиевски.
Во однос на состојбите во јавните претпријатија, тој најави ревизии и разрешувања.
„Веќе дадов насоки на дел од моите соработници кои што се во комуникација со директорите на јавните претпријатија, да се утврди дали сите оние кои што правеле злоупотреби на своите работни места, а биле платени од граѓаните, особено оние кои што не оделе на работа, а земале плата, да бидат отстранети уште денес. Без тактизирање и без разлика на тоа од која политичка партија, вера или нација доаѓаат. Апсолутно ќе следи ревизија за сите јавни претпријатија и ревизија ќе има во Градот Скопје“, рече тој.
Ѓорѓиевски се осврна и на својата средба со поранешната градоначалничка Данела Арсовска, која ја оцени како протоколарна.
„Добро, ова беше протоколарна средба. Не гледав на часовникот, мислам дека многу помалку од еден час беше. После која имаше присуство и на нотар, за да го депонираме својот потпис и сè останато. Нормално е во примопредавање да имаме една протоколарна средба, посочи Ѓорѓиевски.
Нагласи дека ќе биде одговорен за функционирањето на сите јавни претпријатија и нема да бара изговори за нивната работа.
„Јас нема да префрлам прст во некого и нема да барам изговор во нечија нефункционалност. Јас сум адресата која што ќе биде одговорна пред граѓаните наредните четири години. Ако граѓаните сметаат дека добро го водам градот – добро, ако сметаат дека не го водам добро, стојам позади тоа дека и градоначалникот има можност да биде одповикан од својата функција“, рече Ѓорѓиевски.
Во завршницата на своето обраќање тој порача дека градот од денес е отворен за сите граѓани. – Овој град не е мој. Овој град не е на малкумина мои соработници. Овој град е на сите граѓани во градот Скопје и е отворен од денеска за сите, порача новоизбраниот градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

