Советот за безбедност на Обединетите нации денес ги укина санкциите против сирискиот претседател Ахмед ал-Шарија, кој треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа во понеделник, 10 ноември.
Според резолуцијата поднесена од Соединетите Американски Држави, санкциите се укинати и против сирискиот министер за внатрешни работи, Анас Хасан Хатаб, пренесува Ројтерс.
14 земји гласаа за укинување на санкциите, додека Кина се воздржа.
Со месеци, Вашингтон го повикува 15-члениот Совет за безбедност на ОН да ги ублажи санкциите кон Сирија.
По 13 години граѓанска војна, сирискиот претседател Башар ал-Асад беше соборен минатиот декември во офанзива на бунтовничките сили предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС).
Порано позната како Нусра Фронт, ХТС беше официјално крило на Ал-Каеда во Сирија сè додека не ги прекина врските во 2016 година, а од мај 2014 година, групата ХТС беше на списокот со санкции на Советот за безбедност на ОН против Ал-Каеда и Исламската држава.
Неколку членови на ХТС беа исто така под санкции на ОН, кои вклучуваа забрани за патување, замрзнување на средства и ембарга за оружје, вклучувајќи ги Ал Шара и Хатаб.

