ЕУ гледа кон минералите околу Охрид: Албанија отвора истражувања, Македонија тапка на место

Европската побарувачка за кобалт, никел, бакар и литиум веќе ја притиска картата на Балканот. Новата анализа покажува кобалт кај Поградец и значајни јазли на бакар во Лежа и Кукс, како и никел во Кукс, Девол и Червеник – само неколку километри од Охридското Езеро. Албанија разгледува отворање рудници; Македонија, пак, сè уште ги чека новите закони за геологија и рударство и останува во застој со истражните процедури и транспарентноста на концесиите.

Регулативата на ЕУ за критични суровини (CRMA) од 2024 наметна јасна траекторија: до 2030 година Унијата да извлекува, преработува и рециклира поблиску до дома, со цел да ја скрати зависноста од увоз и да обезбеди сигурни ланци за зелената и дигиталната трансформација. Тоа значи побрзи дозволи за „стратешки“ проекти, но и построги правила за одржливост и следливост долж целиот синџир.

Паралелно, Охрид е Светско наследство на УНЕСКО на двете страни од границата, со статус проширен и на албанскиот дел во 2019. Последните извештаи предупредуваат: езерото е под растечки притисоци од урбанизација, канализација и загадување; стари рударски активности во Албанија се поврзуваат со поголеми концентрации на тешки метали во седиментите. Во оваа рамка, секоја нова концесија во сливот е прашање не само на економија, туку и на опстанок на ендемичната биодиверзитетна „архива“ стара милиони години.

Што значи ова за Македонија? Прво, дека нема простор за импровизации. Најавените нови закони за геологија и рударство мора да донесат европска процедура за проценка на влијанието, јавна ревизија на договорите и „зелен коридор“ само за проекти што ја минуваат еколошката летвица – без исклучоци. Второ, дека CRMA не е „бел картон“ за брзи ископи, туку обврска за кружност, рециклирање и јасно мапирање на ризиците во кршливи екосистеми каков што е охридскиот. Трето, дека економските аргументи за бакарот и никелот ќе вредат политички само ако институциите покажат интегритет во доделување, надзор и санкции.

Зачлени се на нашиот е-билтен