Од понеделник на улиците на Скопје се враќаат приватните автобуси: уште 55 возила во сообраќај

Фото: ЈСП Скопје

Од понеделник, уште 55 автобуси на приватните превозници повторно ќе сообраќаат на линиите во главниот град, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по средбата со тројца претставници на приватните компании.

До крајот на годината се очекува да бидат активирани уште 20 автобуси, а преку Владата се планира набавка на 80 нови возила за ЈСП-Скопје до март 2026 година.

„Додека граѓаните доцнеа на работа, а децата се смрзнуваа на автобуските постојки, некој полнел џебови со милионски суми во последните три години. За тоа мора да има одговорност,“ изјави Ѓорѓиевски, најавувајќи истрага за сомнителни тендери и злоупотреби при набавките на резервни делови.

Претставниците на приватните превозници посочија дека долгот на Градот кон нив изнесува околу 180 милиони денари. Заедно со новото раководство на ЈСП, тие ќе работат на реорганизација на линиите и подобрување на возниот ред.

„Приватните превозници се клучен дел од јавниот превоз во Скопје. Ќе воведеме еколошки автобуси и нови линии, а граѓаните наскоро ќе имаат редовен и сигурен превоз,“ изјави Јовица Зафировски, претставник на здружението.

Ѓорѓиевски ги повика надлежните институции да ги испитаат случаите на лошо управување со градскиот буџет, посочувајќи дека дел од новите автобуси со километража „нула“ никогаш не биле пуштени во употреба, туку биле демонтирани за резервни делови.

Со ова, градот прави прв конкретен чекор кон стабилен и функционален јавен превоз, по повеќегодишната криза со недостиг на автобуси и нерегуларни линии.

Зачлени се на нашиот е-билтен