Министерството за внатрешни работи соопшти дека е уапсено лицето кое синоќа во скопската Општина Аеродром, во близина на кулите „Џеваир“, со автомобил удри во контејнери и во друго возило, по што го напуштило местото на несреќата.
Станува збор за 22-годишниот М.А.А. од Турција, со привремен престој во Скопје. Според информациите од МВР, тој управувал возило марка „БМВ“ кога удрил во неколку контејнери и во автомобил „Алфа Ромео“ со демиркаписки регистарски таблички. По инцидентот, возачот се обидел да избега, но бил брзо лоциран и приведен од полициските службеници.
Против него е поднесена прекршочна пријава по три основи: управување возило со недозволена брзина, возење под дејство на алкохол (измерени 0,97 промили) и напуштање на местото на сообраќајната несреќа, согласно членовите 33, 215 и 228 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Лицето е изведено пред судија за прекршоци.

