Од СДСМ најавуваат дека ќе стартуваат со објавување на серија на информации кои отвораат, како што велат од таму, ‘сериозни сомнежи дека мега скандалот со корупцијата во ИПАРД фондовите води директно до врвот во власта’.
Социјалдемократите порачуваат дека овој скандал не е изолиран случај, туку само потврда на системската корупција која ДПМНЕ ја има воспоставено во агенцијата.
„Тоа не е изненадување, историјата не учи дека секогаш кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт, секој скандал или злоупотреба е со амин на раководство на партијата“, вели портпаролкатка на партијата, Богданка Кузевска.

СДС, ја разоткрива шемата за меѓусебната поврзаност на учесниците во скандалот, сите од редовите на власта, за која бараат итно проширување на истрагата.
„Имено, Илија Стоилев додека ја вршел функцијата Директорт на Агенцијата за финансиска поддршка, бил и активен претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Свети Николе. Она што е интересно е дека Стоилев е близок пријател на Игор Миќев викан Панкерот кој пак е во кумска односно кумашинска врска со премиерот Христијан Мицкоски. Од информациите кои ги добиваме од свиркачи, вработени во Министерството за земјоделие, токму Панкерот, кумот на Христијан Мицкоски, се однесувал деспотски во министерството вршејќи притисоци врз вработените за распределба на средства за субвенции и концесии. Од она што е доставено до нас од овие свиркачи токму кумот на Мицкоски се споменува како можен главен задолжен за сите криминални шеми и притисоци во министерството“, вели Кузевска.
Затоа, посочуваат од СДСМ, според информациите доставени од свиркачите и кумашинот на Мицкоски требало да биде опфатен со истргата.
„За ситуацијата да биде уште посериозна, кумата на Мицкоски и сопруга на Панкерот е вработена во Агенцијата за финансиска поддршка од каде според информациите кои се доставени до нас, без нејзино одобрение не се пуштала ниту една исплата на парите од ИПАРД програмите“, велат од СДСМ.

Социјалдемократите од премиерот Христијан Мицкоски бараат одговори за тоа ‘дали имало провизии и дали дел од провизиите завршувало кај него или во ВМРО-ДПМНЕ?’
-СДСМ во изминатата година објавуваше дека во Агенцијата се случува кражба, рекет и мито на секој чекор, но сега тоа излезе на виделина.
-Дали оваа шема на испумпување пари била начин за финансирање на Мицкоски и партијата?
-Дали и колку пари од субвенции се испрани или е побарано мито за да бидат исплатени?
-Дали кумот на Мицкоски бил човекот кој вршел рекет врз земјоделците преку негови луѓе во Агенцијјата за финансиска поддршка.
СДСМ бара, истрагата за овој случај веднаш да биде проширена од страна на обвинителството.
„Бараме да се истражат сите други злоупотреби кои се случувале во агенцијата и во сектор земјоделие за кои укажувавме дека е едно од најкорумпираните сектори откако ДПМНЕ дојде на власт. Во целиов скандал јасно е само дека земјоделците кои што инвестирале се најголемите жртви на партиските криминални шеми за ИПАРД 3“, велат во СДСМ.

