Италија има повеќе миленици отколку бебиња – наталитетот на историски најниско ниво

Најновите податоци откриваат драматичен пресврт во демографската слика на Италија: за прв пат бројот на домашни миленици ја надминал бројката на новородени бебиња, што дополнително ја истакнува длабоката демографска криза во земјата, пренесува Index.hr.

Италија денес брои околу 62 милиони домашни миленици, додека годишно се раѓаат само 393.000 деца – најнизок наталитет откако се водат статистики. Во држава со речиси 60 милиони жители, податокот се оценува како алармантен.

Младите Италијанци се откажуваат од родителство

Зголемените трошоци за живот, несигурните работни места и променетите вредности најчесто се наведуваат како причини поради кои младите сè поретко се одлучуваат да основаат семејство. Многумина велат дека финансиски не можат да си дозволат деца, па наместо тоа се насочуваат кон кучиња, мачки и други животни.

Само кучињата во Италија бројат над осум милиони, а мачките речиси 7,9 милиони, додека остатокот од бројката го сочинуваат птици, риби, влекачи и мали цицачи.

Милениците како членови на семејството

Во сè повеќе домови, животните го заземаат местото што некогаш го имаа децата. Многу Италијанци ги сметаат своите миленици за полноправни членови на семејството.

Паралелно со тоа, расте и т.н. „pet економија“ – индустрија која нуди услуги и производи наменети за животни:
– ресторани каде се добредојдени миленици,
– туристички аранжмани прилагодени за кучиња,
– луксузни салони за уредување,
– па дури и специјализирани пекари за „псечки колачи“.

Нови приоритети за нова генерација

Многу млади Италијанци признаваат дека го одложуваат или целосно се откажуваат од идејата за родителство поради финансиската несигурност, високите цени на кириите и промените во животните приоритети. Наместо тоа, во нивниот живот влегуваат миленици кои, како што велат, „даваат безусловна љубов, но бараат далеку помали финансиски обврски“.

Извор: N1info.rs

Зачлени се на нашиот е-билтен