Мајкл Кејн и Метју Меконахи ги позајмија своите гласови за проекти базирани на вештачка интелигенција

Оскаровците Мајкл Кејн и Метју Меконахи склучија договори со компанијата ElevenLabs, специјализирана за технологија за клонирање гласови, со што ѝ дозволуваат на вештачката интелигенција да ги реплицира нивните препознатливи гласови.

Кејн, кој има 92 години, во соопштение истакнал дека ElevenLabs ја користи иновацијата „не за да го замени човештвото, туку за да го прослави“.

„Ова не е замена на гласовите, туку нивно надградување и отворање простор за нови раскажувачи ширум светот,“ наведе британскиот актер, пренесува Observer.

Меконахи, кој е долгогодишен соработник и инвеститор во стартапот, објасни дека решил да го лиценцира својот глас за употреба во АИ-модели, приклучувајќи му се на Кејн во партнерството со ElevenLabs.

Овој стартап е познат по својата платформа „легандарни гласови“, која овозможува дигитални реплики на гласови на познати личности да се користат во различни креативни проекти – од филмови и аудио-книги до видеоигри.

Меконахи рече дека договорот ќе му овозможи да издаде и шпанска верзија на неговиот популарен билтен Lyrics of Livin’, синхронизиран со неговиот дигитален глас.

И двајцата актери веруваат дека вештачката интелигенција е алатка што може да ја засили креативноста, а не да ја замени.

ElevenLabs нагласува дека технологијата се базира на принципи на изречен пристанок и контрола од страна на уметникот, во согласност со актуелните правила на американскиот актерски синдикат SAG-AFTRA. На тој начин, уметниците можат да дозволат користење на нивните гласови во АИ-проекти и да добијат соодветен надомест.

Основана во 2022 година во Њујорк, компанијата првично создаде системи за преснимување звук на различни јазици, со цел да се зачува автентичноста на гласот и емоциите на говорникот.

Во 2023 година ElevenLabs призна дека забележала раст на злоупотреби на технологијата за клонирање глас, па најави заострување на безбедносните мерки. И покрај тоа, една година подоцна дигитален консултант успеал преку нивниот софтвер да го имитира гласот на тогашниот американски претседател Џо Бајден во автоматизирана телефонска порака испратена до илјадници гласачи во Њу Хемпшир.

Компанијата, сепак, тврди дека денес располага со дополнителни механизми кои спречуваат клонирање на гласови на јавни личности без нивна дозвола.

Извор: N1info.rs

Зачлени се на нашиот е-билтен