Мостар го потресе тешка трагедија: Убиената Алдина Јахиќ претходно добивала закани од поранешниот партнер, но не ги пријавила

Трагичната случка што ја шокира Босна и Херцеговина доби име и лик. Во крвавото злосторство во Мостар беше убиена 32-годишната Алдина Јахиќ од Калесија млада економистка, истражувачка и поранешна студентка на Универзитетот во Тузла, пренесуваат регионалните медиуми.

Алдина беше застрелана од својот поранешен партнер, фудбалскиот судија Анис К. (33), во угостителски објект во Мостар, во вечерните часови на 16 ноември. Таа се обидувала да избега од него кога трагедијата се случила.

Според полициски извештаи, Анис ја следел Алдина уште од автобуската станица. Оставил автомобил на околу 50 метри од ресторанот, влегол по неа и ја бркал до тоалетот, каде што ја пронашол и пукал. Полициските екипи пристигнале за две минути, но не успеале да ја спасат.

Подоцна беше потврдено дека Алдина претходно добивала закани од Анис, но не ги пријавила. Дежурната обвинителка Весна Прањиќ изјави дека жртвата најверојатно верувала дека заканите нема да преминат во дело.

„Кога тргнала на фитнес, тој ја пресретнал, ја нападнал и ѝ ставил пиштол на глава. Таа се обидела да побегне до хотелот, но тој влегол по неа и ја лишил од живот“, наведе обвинителката.

Осомничениот, кој бил судија во Првата лига на Федерацијата БиХ, неодамна легално пријавил пиштол, образложувајќи дека добива закани поради судиската работа. По убиството се обидел да се самоубие, но оружјето му заглавило. Уапсен е веднаш на лице место. Анис К. е син на поранешен познат фудбалер.

На социјалните мрежи следат бројни пораки на сочувство. Меѓу нив е и емотивниот текст на економистот Адмир Чавалиќ:

„Алдина можеше да организира настан за 1.000 луѓе, да напише десетици стручни трудови, да говори пред полна сала, да зборува течно англиски. Можеше сè. Но вечерва не успеа да побегне. Рахмет за оваа прекрасна босанска душа. Искрено сочувство до семејството Јахиќ.“

Трагедијата уште еднаш го отвора прашањето за насилството врз жените и опасностите од игнорирање на претходните закани.

Зачлени се на нашиот е-билтен