Националната кампања „1 од 5 – Стоп за сексуалното насилство врз деца“ почнува денеска на Светскиот ден за превенција од сексуална експлоатација, злоупотреба и насилство врз деца, со настан, кој ќе се одржи во „Europe House“.
Настанот е организан во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, во партнерство со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Народниот правобранител на Република Северна Македонија и со поддршка од Бирото за развој на образованието.
Кампањата е реализирана со согласност од Советот на Европа, а целта е да се зголеми јавната свест, да ги охрабри децата да проговорат и да им обезбеди на возрасните знаења и алатки за превенција и заштита.
На настанот ќе бидат промовирани едукативни видеа, печатени материјали и постери адаптирани за локалниот контекст, наменети за деца, родители, старатели, наставници и професионалци кои работат со деца. Материјалите ќе бидат дистрибуирани во училиштата, градинките и јавните институции низ државата, а истовремено ќе бидат достапни и во дигитална форма.
Обраќања на настанот ќе имаат Марција Палота, програмски офицер за владеење на правото во Делегација на Европската унија во Северна Македонија, Илбер Руфати, заменик-народен правобранител, Душан Томшиќ, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Барбара Лигл, лидерка на компонентата за фундаментални и човекови права на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

