Бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции од 17 до 21 ноември

ХИВ

Во рамки на Европската есенска недела на ХИВ и СПИ тестирање, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА ги повикува сите граѓани на бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции (СПИ), кое се спроведува во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно, од 17 до 21 ноември, секој ден од 15 до 18 часот.

-ХИВ денес е контролирана здравствена состојба, кога е откриена навреме. Луѓето кои редовно се тестираат и се на терапија имаат недетектибилен вирус, што значи дека не можат да го пренесат ХИВ преку сексуален пат. Освен за ХИВ, во текот на неделата граѓаните може да се тестираат и за сифилис, гонореја, кламидија, хепатит Б и хепатит Ц, со резултати готови за најмногу 30 минути. Тестирањето е анонимно, бесплатно и доверливо, а го спроведуваат обучени здравствени работници и советувачи во пријателска и безбедна средина, соопшти ХЕРА. 

Укажува дека редовното тестирање е чин на свесност и одговорност „затоа што здравјето на заедницата почнува од секој поединец“. 

-Тестирањето е избор што менува животи. ХИВ не избира, но секој може да избере да се тестира. Во време кога терапијата за ХИВ е достапна и ефективна, најголемиот ризик е да не го знаеш својот ХИВ статус. Навременото тестирање значи здравје, контрола и мир, посочува ХЕРА во најавата на Европската недела на ХИВ и СПИ тестирање – „Тестни се! Прегледај се бесплатно, доверливо и безбедно“.

Закажувањето за бесплатно тестирање е со јавување во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на телефонскиот број 070 227 386 или 02/3176 – 950,  преку оналјн-закажување на преглед на линкот https://hera.org.mk/onlajn-zakazuvanje-pregled/ или со посета на Младински центар „Сакам да знам“ на Водно на ул. „Елисие Поповски Марко“ бр.2.

Услугите се реализираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекцијата, поддржана од Министерството за здравство.

-Европската недела на ХИВ тестирање е европска иницијатива со цел зголемување на пристапот до тестирање за ХИВ и СПИ и подигнување на свеста за важноста на раната дијагноза, особено кај лицата кои се изложени на зголемен ризик, се наведува во соопштението ан ХЕРА.

Зачлени се на нашиот е-билтен