Американското Министерство за финансии соопшти дека санкциите воведени против руските нафтени компании „Росњефт“ и „Лукоил“ веќе значително ги намалуваат приходите на Русија од нафта и веројатно долгорочно ќе ја намалат количината на руска нафта на светскиот пазар.
Канцеларијата за контрола на странски имот (OFAC) истакна дека анализата на ефектите од санкциите, кои стапија во сила на 22 октомври, покажува дека мерките ги намалуваат руските приходи преку уривање на цените на руската нафта, ограничувајќи ја способноста на Москва да го финансира воениот ангажман во Украина, пренесе Ројтерс.
Според санкциите, компаниите треба до 21 ноември да го прекинат работењето со „Росњефт“ и „Лукоил“, а оние што ќе ги прекршат мерките се соочуваат со ризик да бидат исклучени од финансискиот систем заснован на долар.
OFAC посочи дека повеќе видови руска сурова нафта се продаваат по најниски цени во последните неколку години, а речиси десетина големи индиски и кинески купувачи веќе најавиле прекин на набавките за декемвриските испораки.
Според податоците на LSEG Workspace, цената на нафтата „Уралс“ од Новоросијск на 12 ноември изнесувала 45,35 долари за барел – најниско ниво од март 2023 година. Потоа цената пораснала на 47,01 долар по продолжувањето на товарењето во пристаништето.
Ројтерс претходно објави дека попустите на руската нафта се зголемени поради намалените набавки од Индија и Кина како реакција на американските санкции.
Портпаролот на американското Министерство за финансии изјави дека санкциите ги „исцрпуваат“ руските воени капацитети и нагласи дека Вашингтон е подготвен да преземе дополнителни чекори „за да се стави крај на бесмисленото убивање“ во Украина.

