Билјана Дуковска, претседателка на Македонската платформа против сиромаштија и потпредседател на Европската мрежа против сиромаштијата (ЕАПН) и Елена Божиновска, претставник од здружението „Млади од семејна разновидност“, учествуваа на настанот „People, Power, Purpose“ со кој се одбележа првиот Европски ден против сиромаштијата, организиран од ЕАПН во соработка со пратеници од политичките групи Greens/EFA, S&D, The Left, Renew и EPP, со поддршка на Интергрупата против сиромаштија во Европскиот парламент.
Со овој настан практично започна креирањето на првата Стратегија за борба против сиромаштијата на Европската унија, при што обедини пратеници во Европскиот парламент, претставници на разни институции, граѓански организации, разни движења од заедниците и најважно луѓе кои имале лично искуство во живот во сиромаштија. Преку настанот се даде пример како треба да се организираат процесите кои ќе гарантираат посилни и пофер политики, кои во својата срж ќе ја имаат експертизата по искуство. Настанот претставува ново поглавје во европската социјална политика, во кое граѓаните, институциите и граѓанските организации заедно ја дефинираат визијата за Европа без сиромаштија.
За одбележување е учеството на две македонски претставнички од Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) која е членка на ЕАПН. Двете беа вклучени во дијалогот за тоа како Европската унија може да изгради сеопфатна и праведна Стратегија против сиромаштија, заснована на човекови права и поддржана со соодветни ресурси.
Елена Божиновска, претставник од здружението „Млади од семејна разновидност“ говореше на панел дискусија заедно со Мари Тусен, европратеник и копретседател на Интергрупата против сиромаштија, Оливие де Шутер, известувач на ОН за екстремна сиромаштија и човекови права и Катарина Иванковиќ Кнежевиќ, директорка за социјални права и вклучување, Генерален директорат за вработување и социјална политика, Европска комисија. Темата „Учеството како камен-темелник на борбата против сиромаштијата и социјалното исклучување“ беше замислена да помогне во наоѓањето начин за премин од консултации за политиките кон заедничко управување, овозможувајќи им на луѓето во сиромаштија да ги обликуваат приоритетите, дизајнот и евалуацијата.

„Верувам дека вистинската борба против сиромаштијата почнува кога луѓето што ја живеат секојдневно ќе учествуваат во дизајнирањето на политиките што треба да ја искоренат. Учеството мора да биде континуирано и поддржано – луѓето не можат само „да се појават“ без ресурси, без логистичка и емоционална поддршка, без простори каде што може да зборуваат без страв од стигма.
За мене, учеството е форма на достоинство. Тоа им порачува на луѓето дека нивното искуство е знаење и дека тие заслужуваат место таму каде што се носат одлуки за нивниот живот. Само така се движиме од управување со сиромаштијата кон нејзино конечно надминување“, истакнува Елена Божиновска.
Билјана Дуковска, претседателка на МППС и потпредседател на ЕАПН, одржа работилница со наслов „Не-ЕУ земјите во рамки на Стратегијата против сиромаштија на ЕУ“, со фокус на предлог визијата на ЕАПН за тоа како треба да изгледа новата Стратегија. Таа се задржа на потребата да се интегрираат предложените принципи за новата Стратегија (фокусирање на моќта кон искоренување на сиромаштијата, учество на луѓето со искуство во сиромаштија и граѓанското општество, вкрстен пристап со други политики на ЕУ, силно управување и координација) во националната политика како дел од подготовките за членство во ЕУ, за да се обликуваат националните системски промени кои ќе водат до искоренување на сиромаштијата.

„Во последниот извештај на Европската комисија јасно е нотирано дека Македонија има значајно висока стапка на сиромаштија. Двојно повисока од Европската. Не смееме да бидеме оставени да ги следиме процесите за искоренување на сиромаштијата од страна, туку со новата Стратегија мора да ни се обезбеди помош да ги надминеме предизвиците. Само така може да зборуваме за Европа без сиромаштија“, смета Дуковска
Работилницата беше во соработка со Европскиот Центар за Извонредност (ECE Brussels), независен европски тинк-тенк со седиште во Брисел, посветен на промовирање на добро владеење, демократски развој и извонредност во комуникацијата, истражувањето и креирањето политики низ Европа и во земјите-кандидати за членство во ЕУ.
За време на целиот настан ЕАПН и партнерите испратија силни пораки:
- Борбата против сиромаштијата мора да стане централна политичка цел на Европската унија, а нејзината реализација треба да се темели на учество,
солидарност и правда, но и да биде поддржана со доволно финансиски средства. - Луѓето кои ја живеат сиромаштијата мора да бидат дел од решението, не само од статистиката.
Преку организирање на Денот против сиромаштијата не само што се даде мултисекторски осврт на борбата против сиромаштијата, важноста на учеството и демократијата, туку се сведочеше како тие вистински се возможни.

