Еврокомесарката Марта Кос со остри пораки до Белград: „Не може да седите на две столици – кон ЕУ за пари, кон Русија за гас“

Еврокомесарката за проширување Марта Кос испрати јасна и необично директна порака до Србија, нагласувајќи дека европскиот пат бара недвосмислена ориентација и политичка доследност. На средба со новинари во Брисел, на маргините на Форумот за проширување на ЕУ, таа порача дека сака да ја види Србија како демократска членка на Унијата, но дека тоа е невозможно додека Белград води двојна политика, пренесува N1info.rs.

„Не можете да седите на две столици – од ЕУ да очекувате финансии, а од другата страна да барате гас“, изјави Кос.

Случаи на руско државјанство и воени вежби со Москва

Кос истакна дека е неприфатливо што некои руски државјани – вклучително и лица на списокот со санкции – добиваат српско државјанство преку специјални постапки. Дополнително, остро ја критикуваше одлуката на Србија да учествува во руската воена вежба „Запад“.

„Ако учествувате во акција на армија која убива луѓе во Украина, заборавете на пристапниот процес. Таква земја никогаш не може да стане членка на ЕУ. Но тоа е избор на Србија“, нагласи таа.

Кос призна дека годинешниот извештај за Србија бил „груб“, но оцени дека и нејзиниот пристап е истовремено строг и праведен.

ЕУ подготвена да ѝ помогне на Србија во енергетската диверзификација

Во контекст на енергетската зависност, Кос рече дека ЕУ е подготвена да помогне – финансиски и инфраструктурно – но посочи дека процесот на целосно одвојување од Русија не е лесен за Србија.

Истовремено, побара српските власти да престанат со анти-ЕУ реторика, бидејќи довербата на граѓаните во ЕУ значително се намалила.

„Членството носи одговорност и ангажман од двете страни. Потребно е да ги поддржиме независните медиуми и граѓанскиот сектор“, рече таа.

Отворање на кластер 3 – условите остануваат на маса

Иако Европската комисија оцени дека Србија ги исполнува критериумите за отворање на кластер 3, Кос потсети дека потребно е исполнување и на обврските наведени во документот на земјите членки од ноември минатата година:
– решавање на случајот „Бањска“,
– донесување закони за медиуми,
– уредување на избирачкиот список,
– функционален REM.

„Нудиме рака. Ако нема назадување и ако има напредок во слободата на медиумите и академските слободи, ќе одиме напред“, рече таа.

„Проширувањето мора да стане проект на целото општество“

Кос истакна дека процесот на проширување не смее да се сведе само на политичари, туку мора да ги вклучи граѓанското општество и слободните медиуми.

Таа порача дека Европа денес се соочува со хибридна војна и затоа ЕУ го усвои механизмот „Демократски штит“ за заштита на демократијата – и во Унијата и во земјите кандидати.

„Денес вистината е поскапа од лагата, а автократите го користат тоа. Мора да ги зајакнеме медиумите и граѓанскиот сектор, особено во автократски режими“, истакна таа.

„Проширувањето е повторно прашање на мир“

Кос потсети дека во минатото Европа пропушти шанса да го интегрира Западниот Балкан, а денес ја плаќа цената на тие пропуштени можности.

„Проширувањето мора да ја испрати војната во историските книги – таму каде што ѝ е местото“, рече таа, потсетувајќи на конфликтите во поранешна Југославија.

Според Кос, овојпат проширувањето не е само прашање за примање нови членки, туку и за обезбедување дека ЕУ ќе стане посилна, а не послаба со секоја следна проширувачка фаза.

Зачлени се на нашиот е-билтен