Две романски погранични села беа итно евакуирани во понеделникот откако руски дрон удри во танкер под турско знаме, кој превезувал течен нафтен гас во украинскиот пристанишен град Измаил на Дунав. Ударот го зафатил бродот MT Orinda додека истоварал товар, по што настанал голем пожар.
На танкерот имало 16 членови на екипажот, кои безбедно биле извлечени и нема повредени.
Дел од масовен руски напад врз Одескиот регион
Инцидентот е дел од најновиот руски воздушен напад врз Украина, во кој – според украинската армија – биле лансирани две балистички ракети „Искандер-М“ и повеќе од 120 ударни и мамечни дронови.
Руската офанзива повторно ја таргетирала Одеската област, вклучувајќи пристаништа и енергетски објекти. Во неколку градови биле зафатени цивилни бродови и инфраструктура, а регистрирана е и една повредена личност.
Нападот се случи во момент кога претседателот Зеленски се наоѓаше во дипломатска офанзива во Европа и само еден ден откако во Париз беше објавена испораката на 100 француски авиони „Рафал“ за Украина.
Романија стравуваше од експлозија
Романските власти наложија евакуација во селата Плауру и уште едно соседно населено место поради страв дека танкерот може да експлодира. Бродот превезувал високо запаллив течен нафтен гас, па одлуката за евакуација се сметаше за неопходна мерка на претпазливост.
Селата се наоѓаат непосредно спроти украинското пристаниште, а Дунав е природната линија што ја дели границата меѓу двете држави.
Кобен момент за Украина во пресрет на зимата
Измаил е едно од главните извозно-увозни пристаништа на Украина на Дунав и клучна точка за снабдување со енергенси.
Ударот се случи само еден ден откако Зеленски договори снабдување со американски течен природен гас преку Грција, почнувајќи од јануари – дел од напорите да се обезбедат нови рути за енергија пред зимскиот период.
Аналитичарите сметаат дека нападот испраќа порака од Москва дека украинските енергетски коридори остануваат цел, дури и кога се на само неколку стотици метри од границата на НАТО.
Инцидентот повторно ги актуелизира прашањата околу безбедноста во дунавскиот коридор и ризикот од прелевање на конфликтот кон териториите на Алијансата.

