Полскиот премиер Доналд Туск соопшти дека двајца украински државјани, кои долго време дејствувале во корист на руските разузнавачки служби, се главните осомничени за двете саботажи на железничката мрежа во Полска изминатиот викенд, пренесува Би-Би-Си.
Еден од осомничените веќе бил осуден во отсуство за саботажа во Украина, рече Туск пред пратениците. Двајцата, според него, престојувале во Полска оваа есен по влезот од Белорусија, а потоа повторно избегале назад преку граничниот премин Тереспол.
Две саботажи за 48 часа
Туск ја посети локацијата кај селото Мика, југоисточно од Варшава, каде на 15 ноември во 21 часот бил активиран воен експлозив C4 под товарен воз што го поминувал тоа подрачје. Експлозијата оштетила дел од подот на вагонот, но машиновозачот не забележал што се случило. Настанот бил снимен со надзорни камери.
Претходно, бил направен неуспешен обид воз да се изнесе од шините со поставување метална стега.
Само два дена подоцна, на 17 ноември, уште една саботажа кај Пуаљви предизвикала нагло сопирање на патнички воз со 475 патници, поради оштетена инфраструктура и кабли над пругата.
„Целта била да се предизвика железничка катастрофа“, рече Туск.
Москва ги отфрла обвинувањата
Кремљ реагираше со исмевање на обвинувањата. Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека „би било чудно ако Русија не беше прва обвинета“, додавајќи дека „русофобијата во Полска е недвосмислено присутна“.
Русија ги негира сите врски со саботажите.
Полските служби, сепак, тврдат дека „сè упатува кон руските специјални служби“, а првичните процени на Варшава исто така наведуваа дека наредбата веројатно дошла од „странска служба“.
Засилен аларм и зголемени безбедносни мерки
Туск најави дека ќе биде подигнат степенот на безбедносна готовност на клучните железнички линии. Тој откри дека од почетокот на минатата година се уапсени 55 лица под сомнение за учество во саботажи, од кои 23 се во притвор.
Премиерот предупреди дека целта на Русија е не само да ја оштети инфраструктурата, туку и да предизвика паника, недоверба и антиукраинско расположение во земјата, која прифати повеќе од еден милион украински бегалци.
„Ова е напад и врз социјалната стабилност. Тие сакаат хаос, страв и политичка нестабилност“, нагласи тој.
Полска – клучен коридор за помош кон Украина
Како членка на НАТО и ЕУ, Полска игра клучна улога во транспортот на воена и хуманитарна помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022. Поради тоа, инфраструктурата во земјата е повремена цел на хибридни операции.
Во септември, полски и НАТО авиони соборија три руски дронови кои навлегле во полскиот воздушен простор за време на масовни напади врз Украина.
Истрагата за двете последни саботажи продолжува, а властите предупредуваат дека ризикот од нови инциденти останува висок.

