Сиљановска-Давкова: Делата на Глигор Чемерски се национално богатство и мора системски да се заштитат

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска одржа средба со сопругата и ќерката на реномираниот уметник Глигор Чемерски, во придружба на кураторот д-р Кирил Пенушлиски. На средбата, семејството ја изрази својата загриженост за состојбата во која се наоѓаат дел од капиталните остварувања на Чемерски и ја потенцира потребата од нивна итна реставрација и заштита.

Како пример за успешна интервенција беше наведена обновата на Споменикот на слободата во Кочани, дело на Чемерски, со оценка дека ваквиот пристап треба да продолжи и кон други негови значајни дела.

Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека лично ја препознава уметничката и културната вредност на творештвото на Чемерски, потсетувајќи дека дел од неговите дела се наоѓаат во свечената сала и во претседателскиот кабинет. Таа ја изрази подготвеноста институционално да придонесе кон нивната заштита.

Во тој контекст, таа го поддржа проектот „Топла земја: Монументалното творештво на Глигор Чемерски“, со кој се предвидува темелно истражување, документирање и репрезентација на неговиот опус – особено мозаиците, фреските и големите композиции што се неизбришлив дел од македонскиот визуелен идентитет.

Сиљановска-Давкова нагласи дека делата на Чемерски претставуваат траен културен белег и заслужуваат системска грижа од страна на државата.

Зачлени се на нашиот е-билтен