Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен Гвир, рече дека „палестинскиот претседател Махмуд Абас треба да биде ставен во самица, а високите палестински функционери треба да бидат цел на атентат ако ОН одобри признавање на палестинска држава“. Оваа изјава беше дадена пред седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) на која се гласаше за сеопфатниот план за прекин на огнот во Газа. Во најновиот нацрт на оваа резолуција се споменува можна идна палестинска држава.
Предлогот предвидува повеќефазен процес со кој Газа би била предадена на Меѓународните сили за стабилизација и администрација предводена од Комитетот за мир, на чело со американскиот претседател Доналд Трамп.
Зборувајќи на отворањето на состанокот на неговата фракција Окма Јехудит, Бен Гвир рече дека „палестинска држава на „измислен народ“ кој се нарекува себеси „Палестинци“ никогаш не смее да се воспостави, бидејќи аспирацијата на оние кои сакаат да воспостават таква држава е да ја изградат врз урнатините на Државата Израел“.
„Доколку го забрзаат признавањето на палестинска терористичка држава, мора да се издадат наредби за целно убивање на високи функционери на Палестинската самоуправа, кои се терористи во секој поглед, како и наредба за апсење на Абу Мазен“, рече тој, додавајќи дека за палестинскиот претседател Абас „во затворот Кечиот веќе е подготвена самица“.

