За само 10 месеци, во Турција се уапсени 1.395 лица, осомничени како Ѓуленисти

Турција

Само во првите десет месеци од оваа година, турските власти уапсија 1.395 лица како дел од тековната акција против ѓуленистичкото религиозно движење, изјави министерот за внатрешни работи Али Јерликаја пред парламентарниот комитет, објави Стокхолмскиот центар за слобода.

Зборувајќи на состанокот на буџетскиот комитет, Јерликаја рече дека властите спровеле 3.258 операции во истиот период, за време на кои уште 1.347 осомничени биле ослободени под судски надзор. Министерот рече дека владината акција ќе продолжи „со истата решителност“.

Мурат Бакан, пратеник од главната опозициска Републиканска народна партија, рече дека речиси 12.000 операции се спроведени против движењето откако сегашниот кабинет ја презеде функцијата во јуни 2023 година. Тој праша зошто, и покрај операциите од голем обем, се извршени само 3.760 апсења, тврдејќи дека бројките покажуваат дека „операциите не даваат резултати“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги таргетира следбениците на движењето Ѓулен, инспирирано од покојниот муслимански свештеник Фетулах Ѓулен, откако во декември 2013 година беа покренати истраги за корупција против него, како и против некои членови на неговото семејство и најблизок круг.

Според најновите бројки од Министерството за правда, повеќе од 126.000 луѓе се осудени за наводни врски со движењето од 2016 година, а 11.085 се уште се во затвор. Судењата се во тек за повеќе од 24.000 луѓе, додека уште 58.000 се уште се под активна истрага речиси една деценија подоцна.

Зачлени се на нашиот е-билтен