Движењето „Кој е Следен?“ на 19 ноември 2025 година, пред судницата на „КПУ Идризово“ изведе герила акција пред започнувањето на судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“.
„Ве гледаме!“, пишува на транспарентот, зошто, како што велат од „Кој е следен?“, „им должиме на сите кој ги изгубија животите, правдата нема да дозволиме да остане само големо очекување, сѐ додека не стане доблест“.
Судската власт од денес е под лупа! Бараме непристрасен, професионален и целосно транспарентен судски процес ослободен од политичките канџи. Оние кои денес ќе се облечат во црните тоги имаат обврска да покажат интегритет, храброст и почит кон законот, истакнуваат од граѓанската иницијатива.
Тие прашуваат дали судиите ќе им одолеатна притисоците од центрите на моќ или уште еднаш ќе ја потврдат недовербата на граѓаните?
Правдата за сите жртви од пожарот во Кочани не е желба туку должност! Ќе преземеме акција, осигурувајќи дека преовладува одговорноста и дека гласовите на засегнатите ќе бидат слушнати. Наша должност е да ја трансформираме тагата во цел и да се обединиме за значајна промена. Правда мора да има. ВЕ ГЛЕДАМЕ!, порачуваат од „Кој е следен?“.

