Зеленски: Русија ноќеска лансираше повеќе од 470 дронови и 48 ракети

Украинскиот претседател Володимир Зеленски утрово соопшти дека речиси целата земја е погодена од масовен руски напад, еден од најсилните во последните месеци. Според официјалните информации, Русија ноќта лансирала повеќе од 470 ударни дронови и 48 ракети од различен тип, балистички и крстосувачки насочени кон украински градови и критична инфраструктура.

Во Тернопил руските проектили погодиле деветкатни станбени згради, по што избувнале пожари. Зеленски потврди дека дел од зградите се целосно уништени и дека под урнатините можно е да има луѓе.

Досега е познато дека десетици граѓани се повредени, а девет лица го загубиле животот. На терен се сите служби за итна интервенција.

Харков под масовен удар – меѓу повредените има и деца

Во Харков нападите започнале уште од вечерните часови, оставајќи зад себе големи штети. Повредени се десетици луѓе, меѓу кои и деца. Оштетени се енергетски капацитети, транспортни објекти и други цивилни инфраструктури.

Енергетската инфраструктура била цел и во Ивано-Франковската област, каде што три лица се повредени, меѓу нив и две деца.

Во Лавовската област повторно биле нападнати критични објекти, додека во Донецката област е повредено едно лице.

Удари има и врз Киевската, Миколаевската, Черкаската, Черниговската и Днипровската област.

Зеленски: „Притисокот врз Русија е недоволен“

Зеленски оценува дека секој ваков напад е доказ дека меѓународниот притисок врз Москва и понатаму не е доволен.

„Потребни се ефикасни санкции и засилена помош за Украина,“ порача тој, нагласувајќи дека најитна потреба се:

  • ракети за противвоздушна одбрана,
  • дополнителни системи за ПВО,
  • проширување на капацитетите на борбената авијација,
  • зголемено производство на дронови за заштита на цивилите.

„Русија мора да одговара за стореното. А ние мора да останеме фокусирани на сè што нè зајакнува и ни овозможува да ги соборуваме руските ракети и дронови,“ напиша Зеленски, упатувајќи благодарност до сите меѓународни партнери што продолжуваат да ја поддржуваат Украина.

Зачлени се на нашиот е-билтен