Романија крена борбени авиони по влез на дрон во нејзиниот воздушен простор

Романија денес крена борбени авиони откако беспилотно летало влезе околу осум километри во нејзиниот воздушен простор за време на руски напад врз украинската инфраструктура во близина на границата, соопшти Министерството за одбрана.

Како членка на Европската унија и НАТО, Романија дели околу 650 километри граница со Украина и веќе неколку пати досега се соочи со паѓање на делови од руски дронови на нејзина територија, како последица од руските напади врз украинската речна и пристанишна инфраструктура покрај Дунав.

Дронот навлегол осум километри во романскиот воздушен простор

Министерството информира дека радарските системи првпат го забележале сигналот од дронот кога тој веќе се наоѓал длабоко во романскиот воздушен простор, во близина на селата Пери Права и Чилија Веке во околијата Тулча. Сигналот потоа исчезнал, но се појавувал повторно и спорадично околу 12 минути подоцна, кај населени места во околијата Галац.

Подигнати Eurofighter и F-16, населението предупредено

Романија активирала два борбени авиона Eurofighter кои се дел од германската мисија за надзор на воздушниот простор, а потоа кренала и два свои F-16. Граѓаните во југоисточните околии Тулча и Галац биле предупредени да побараат засолниште.

Министерството наведе дека засега нема информации дека дроновите паднале на романска територија.

Полска привремено затвори две аеродроми

Полска, исто така членка на НАТО и сосед на западна Украина, привремено ги затвори аеродромите Жешов и Лублин на југоистокот на земјата. Покрај тоа, Полска крена свои и сојузнички авиони за заштита на воздушниот простор.

Зачлени се на нашиот е-билтен