Европската комесарка за проширување, Марта Кос, порача дека Европската унија наскоро ќе отвори стратешка дебата за нови заштитни механизми при приемот на идните членки – процес што треба да ја заштити и Унијата и земјите кандидатки од политички блокади и правни ризици.
Говорејќи на Форумот за проширување во Брисел, Кос истакна дека иако Црна Гора е најподготвена за членство во ЕУ, таа и натаму може да стане жртва на политички препреки внатре во Унијата. Притоа одлучно отфрли оценки дека земјата е „тројански коњ“ на Русија.
„Постои ризик, бидејќи гледаме многу активна руска пропаганда и во вашата земја, но не би рекла дека Црна Гора е ‘тројански коњ’. Проблемите не лежат во намерата на државата, туку во општата политичка динамика во Европа“, рече Кос.
Таа потсети дека Европската унија веќе имала слични заштитни механизми во претходните проширувања, како ограничувања за слободно движење на работниците во 2004 година или долгите транзициски периоди во земјоделството. Сега, Европската комисија го финализира документот „Pre-Enlargement Review (PER)“, кој треба да биде готов во декември и кој ќе го оцени капацитетот на Унијата пред следниот бран проширување.
„Тоа е еден вид стрес-тест на ЕУ. Не зборуваме само за Црна Гора, туку за сите кандидати“, објасни таа.
Кос наведе дека најважната политичка расправа ќе започне во моментот кога ќе се отвори пристапниот договор на Црна Гора со сите земји членки – процес кој, како што рече, може да биде непредвидлив. „Црна Гора можеби е технички најподготвена, но тоа не е доволно без поддршка и консензус кај државите членки. Не смееме да дојдеме во ситуација Европскиот совет да даде зелено светло, а граѓаните на некоја земја членка, на пример Франција, да кажат ‘не’“, предупреди таа.
Комесарката подвлече дека проширувањето е стратешко прашање – за мир, стабилност и заштита на европските вредности – а не само техничка операција. Таа истакна дека ЕУ ќе го засили ангажманот кон цивилното општество и медиумите, во самите земји членки, но и во Западен Балкан, како одговор на хибридните закани и на влијанија од трети држави.
„ЕУ повеќе не смее да дозволи празен простор на Балканот. Последното доцнење на проширувањето имаше сериозни последици за регионот. Затоа, со уединување на Европа, мораме да го оставиме војувањето во историјата – засекогаш“, порача Кос.
На крајот, таа нагласи дека мирот никогаш не смее да се смета за сигурен, потсетувајќи на военото искуство во нејзиното семејство од Втората светска војна. Според неа, токму тоа ја прави европската идеја – проект за слобода, стабилност и заедничка иднина – поважен од кога било.

