Тирана утре станува главна станица на европската агенда за Западен Балкан. Во Палатата на Бригадите ќе се одржи Самитот за план за раст „Нашиот пат кон ЕУ“, на кој лидерите од регионот заедно со еврокомесарката за проширување Марта Кос ќе разговараат како постепено да се отвори вратата кон единствениот пазар на Европската унија, пред формалното членство.
Самитот е закажан од 09:30 до околу 12 часот. Домаќин е албанскиот премиер Еди Рама, кој заедно со еврокомесарката Кос ќе го отвори состанокот и потоа ќе се обрати пред медиумите на заедничка прес-конференција. Очекувањата се на маса да се најдат не само политички пораки, туку и многу конкретни обврски за реформи и регионална соработка.
Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, усвоен во ноември 2023 година, предвидува до 6 милијарди евра преку новиот инструмент „Reform and Growth Facility“ за периодот 2024–2027 – 2 милијарди грантови и 4 милијарди поволни заеми, условени со спроведување на договорени реформи. Целта е земјите од регионот постапно да добиваат пристап до делови од единствениот пазар: слободно движење на стоки, услуги и работници, SEPA-плаќања, дигитален пазар и подобро поврзани енергетски системи.
Во замена, Европската комисија очекува забрзани реформи и функционален заеднички регионален пазар на Западен Балкан, кој ќе биде чекор до полноправниот пристап до европскиот. Намерата е економиите на регионот, кои во моментов се околу една третина од просечниот БДП на ЕУ, да го удвојат својот обем во следната деценија, ако планот се спроведе доследно.
За земји како Северна Македонија, самитот во Тирана е нов тест колку брзо ќе се преточат реформските агенди и европските извештаи во опипливи придобивки – полесен извоз, нови инвестиции и поголема мобилност на граѓаните. Додека политичките дебати дома често се вртат околу дневни теми, токму ваквите средби покажуваат каде реално се движи регионот: дали кон вистинско приближување до правилата и парите на единствениот пазар, или кон уште една рунда изгубено време во чекалницата на Европската унија.

