Обилни дождови ја погодија Грција

Обилни врнежи предизвикаа поплави и сериозни проблеми во сообраќајот во делови од Грција, при што под вода завршија патишта, куќи и продавници, а пожарникарите мораа да спасуваат заглавени патници и земјоделци.

Најпогодени се јужните делови на земјата, особено планинските региони Загори и Џумерка, каде што патиштата станаа непроодни. Спасувачките служби извлекувале луѓе од поплавени возила, а била организирана и акција за спасување на двајца земјоделци и нивните стада.

Полицијата затвори еден од пристапните патишта кон пристаништето Игуменица, каде, како што соопштија пристанишните власти, „сè е во вода“.

Силно погоден е и островот Крф – локалните жители велат дека патиштата се претвориле во реки, што речиси го оневозможува движењето низ населбите. Многу приземни куќи, ресторани и продавници се поплавени, а материјалната штета сè уште се проценува.

Метеоролозите најавуваат дека нестабилното и дождливо време ќе продолжи и во текот на денот, опфаќајќи го поголемиот дел од Грција и егејските острови. Властите издадоа предупредувања до возачите за зголемена внимателност, особено во областите Солун, Патра и Крит каде се очекуваат нови врнежи и можна појава на локални поплави и свлечишта.

Зачлени се на нашиот е-билтен