Во интервју за порталот „360 степени“, амбасадорката на СР Германија во нашата земја, Петра Дрекслер, вели дека нејзината земја со загриженост ја следи дебатата меѓу македонската влада и правосудството околу финансирањето.
Амбасадорката Дрекслер нагласува дека Германија инвестира пет пати повеќе во правосудството по жител од Северна Македонија.
„Впечатокот што изминативе денови можеби се појави кај некого во државава е дека Германија инвестира во правосудството помалку од Северна Македонија. Тој впечаток е погрешен. Мора убаво да се погледнат бројките. Ако ги споредите податоците кои Европската комисија за ефикасноста на правосудството ги доби како резултат на испитувањето во 2022 г., ќе видите дека Германија уште во тоа време инвестирала во правосудството пет пати повеќе по глава на жител од Северна Македонија“, посочува таа во интервјуто и со тоа ги побива споредбите што овие денови ги прави во јавните настапи премиерот Мицкоски, како и одделни медиуми во земјата со кампањата да докажат дека Македонија инвестира во правосудството повеќе од земји членки на ЕУ.
Во една од изјавите на премиерот Мицкоски тој повтори дека не гледа причина да се зголеми буџетот за судството, затоа што, како што рече, Македонија одвојува од буџетот пари за правосудниот систем повеќе од 75 проценти од земји членки на ЕУ.

