Новата реалност по падот на биткоинот: од еуфорија до трпение

По месеци еуфорија и шестоцифрени рекорди, биткоинот повторно се врати на земја. Во четврток, најстарата и највлијателна криптовалута падна до околу 86.325 долари – најниско ниво од 21 април – и потоа се стабилизираше нешто над 86.600 долари. За оние што во летните месеци веруваа дека секоја нова рунда раст е загарантирана, тоа изгледа како студен туш, но за пазарот ова е сигнал дека започнува нова фаза: од брзи скокови, кон побавна и поболна „нормализација“.

Тригерт за падот дојде од Америка. Посилните од очекуваните податоци за вработеноста – 119.000 нови работни места во септември, наспроти очекуваните 50.000 – ги натераа инвеститорите да пресметуваат повторно што ќе прави Федералните резерви со каматните стапки. Наместо јасен пат кон поевтини пари, добија уште една доза неизвесност. Според алатката FedWatch на CME Group, веројатноста за намалување на каматата во декември сега се движи околу 40 проценти, доволно за дел од пазарот да заклучи дека е време да ја намали изложеноста кон поризичните средства – а криптовалутите се први на удар.

Падот на биткоинот не дојде сам. XRP се симна под 2 долари со дневен минус од околу 2,3 проценти, етерот изгуби повеќе од 3 проценти и се тргува далеку под 3.000 долари, додека догикоин остана практично закован. Целиот крипто-пазар се однесува како да го врти истиот филм: по период на силен раст и еуфорија, доаѓа фаза кога инвеститорите ги затвораат најризичните позиции и бараат засолниште во поконзервативни инструменти.

Интересно, биткоинот не ги повлече само криптовалутите, туку и дел од берзанските акции. Аналитичарите потсетуваат дека многу фондови и поединечни инвеститори кои агресивно влегоа во акциите поврзани со вештачка интелигенција паралелно држат и биткоин – истиот „ризичен пакет“, само во различна форма. Кога нервозата ќе се појави, продаваат и од едното и од другото. Тоа е уште еден знак дека биткоинот одамна не е играч само на крипто-берзите, туку дел од пошироката архитектура на глобалниот пазар на ризик.

Зад бројките стои и техничката страна на приказната. По силниот раст и серијата рекорди, пазарот влезе во фаза на каскадни ликвидации на премногу левериџирани позиции – класичен сценарио кога голем дел од трговците купуваат на кредит, со надеж дека цената само ќе расте. Кога трендот се крши, платформите автоматски ги затвораат тие позиции и со тоа дополнително го туркаат курсот надолу. Според анализите, токму овие ликвидации во почетокот на октомври го отворија патот за сегашниот пад.

Сега, велат аналитичарите, биткоинот влегува во нов опсег на „стабилизација“ меѓу 75.000 и 87.000 долари. Тоа не е произволна бројка, туку зона исцртана од техничките индикатори – како 200-дневниот експоненцијален подвижен просек (EMA) и волумен-метриките – кои сугерираат дека токму тука може да се наоѓа потенцијалното дно на оваа корекција. Цената веќе не прави агресивни нови врвови, туку серија пониски максимуми и ситни „заби“ нагоре и надолу, карактеристични за пазар кој се мачи да го најде новото рамнотежно ниво.

Аналитичарот познат под псевдонимот Алткоин Шерпа го опишува овој коридор како критично подрачје на поддршка – зона во која биткоинот може да „одмори“ недели или месеци, пред да собере сили за посериозно движење нагоре. Дополнителна перница даваат и стабилните приливи во биткоин-ETF фондовите, кои и понатаму носат околу 2 милијарди долари неделно нов капитал. Тоа не е доволно за нов ракетен скок, но е доволно да спречи цената да пропадне неконтролирано под сегашниот опсег.

Во анализата на Onesafe овој опсег од 75.000 до 87.000 долари се опишува како „златна можност за купување“ за сите што размислуваат за влез во крипто-пазарот. Но „новата реалност“ по падот на биткоинот е понијансирана од една реченица. За дел од инвеститорите, ова е шанса мирно да влезат во пазар кој повеќе наликува на зрел финансиски инструмент, отколку на адреналинска игра. За други, пак, тоа е потсетник дека она што некогаш се продаваше како брз пат до богатство денес се однесува многу повеќе како високо-ризична класа на актива која живее и умира со одлуките на централните банки, макроекономските податоци и нервите на глобалниот капитал.

Меѓу тие две гледишта се одвива новата битка за биткоинот: дали ќе остане симбол на „пари од иднината“ или ќе се претвори во уште еден волатилен, но сепак делумно припитомен дел од портфолијата на големите инвеститори. За малите играчи, можеби најважната лекција од овој пад е дека крипто-пазарот не го избега законот на гравитација – и дека зад секој шестоцифрен рекорд, секогаш демне реалност во која цената може да се врати чекор-два назад, пред да тргне повторно нагоре – ако воопшто тргне.

Зачлени се на нашиот е-билтен