Николовски: 130 милиони ИПАРД евра се замрзнати

Пратеникот на СДСМ и поранешен министер Љупчо Николовски обвини дека Собранието е понижено, а земјоделците оставени сами во криза, откако, како што тврди, од министерот за земјоделство Љупчо Трипуновски добил „срамен и скандалозен“ одговор за суспензијата на ИПАРД средствата, без ниту еден конкретен податок.

Николовски уште еднаш потсети дека официјално побарал информации за пет клучни точки: зошто програмата ИПАРД е суспендирана, колку долго ќе трае блокадата, колку корисници се загрозени, кои се последиците за земјоделците и кои чекори се планирани за надминување на кризата. Наместо тоа, вели, добил документ кој „не одговара на ниту едно прашање – нема факти, нема рокови, нема план“.

Според него, министерот во заминување продолжува да молчи и да избегнува директно соочување, иако штетата за аграрниот сектор расте секој ден. Николовски оцени дека со таквиот однос не е навреден само пратеникот кој го поставува прашањето, туку Собранието како институција, бидејќи извршната власт покажува отворено непочитување кон парламентарниот надзор.

Во објавата што ја пренесе и партијата, Николовски предупредува дека зад бирократската тишина стои многу конкретен удар врз терен: земјоделците остануваат со блокирани исплати, запрени инвестиции и замрзнати 130 милиони евра од европските ИПАРД фондови, без ниту една официјална најава кога, под кои услови и дали воопшто средствата ќе бидат деблокирани.

Тој истакнува дека во ситуација кога цел сектор зависи од европските програми за модернизација, механизација и рурален развој, институциите немаат право да молчат. Наместо одговорност и транспарентност, земјоделците добиваат „затворени врати“ и политичко бегање од проблемот, оценува Николовски.

Како претседател на надлежната парламентарна комисија, тој најавува дека ќе продолжи со притисок кон Министерството за земјоделство и Владата, со дополнителни иницијативи и барања за отчет. „Институциите не смеат да молчат, а земјоделците не смеат да бидат оставени сами“, порачува Николовски, најавувајќи дека прашањето за суспензијата на ИПАРД ќе остане на дневен ред сè додека не се добијат јасни одговори и конкретен план за деблокада на средствата.

Зачлени се на нашиот е-билтен