Треска и Сатеска „скокнаа“ рекордно

Водостоите на речните текови во Македонија денеска се значително над вообичаениот ноемвриски просек, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Единствен исклучок е Брегалница кај Берово, каде се мери 12 сантиметри, односно пониско од просекот од околу 22 сантиметри.

Кај останатите реки трендот е спротивен: раст и повеќекратно зголемување. Вардар кај Јегуновце и кај Велес има водостој речиси двојно повисок од вообичаениот за овој период. Меѓу највпечатливите е Треска кај Македонски Брод – таму нивото е осум пати поголемо од просекот, од 13 сантиметри вообичаено до денешни 108 сантиметри.

Зголемувања има и кај Пчиња кај Катлановска Бања, каде водостојот се има искачено од 40 на 124 сантиметри, како и кај Бабуна во Богомила (од 14 на 42 сантиметри). Црна Река кај Новаци бележи уште поизразен скок – од 65 на 246 сантиметри.

Најголемото отстапување од ноемврискиот просек сепак е регистрирано кај Сатеска во атарот на селото Ботун. Таму водостојот е околу дванаесет пати над вообичаеното ниво: од 5 сантиметри просек, на денешни 64 сантиметри.

Кај природните езера состојбата е постабилна. Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро имаат само минимални зголемувања во однос на вчера, без поголеми отстапувања од просекот за ноември. Температурата на Охридското Езеро утрово е 13,5 степени, на Преспанското 10,5, а на Дојранското 13 степени – сите вредности се во рамките на сезонските норми, информира УХМР.

Податоците покажуваат дека системот за следење на водостоите е во „црвен режим на будност“ по деновите со обилни врнежи, но засега без драстични отстапувања кај езерата и без официјални предупредувања за непосредни излевања. Трендот на рекордни локални зголемувања, особено кај Треска и Сатеска, останува клучен сигнал дека хидролошката слика внимателно ќе се следи и во наредните денови.

Зачлени се на нашиот е-билтен