Европскиот парламент во вторник даде зелено светло за првиот европски одбранбен програм EDIP, кој европратениците и Европската комисија го сметаат за скромен, но добар прв чекор кон зајакнување на европската одбранбена индустрија.
„Во овој историски момент, кога изгледа дека сè околу нас се распаѓа, ни се поставува едно едноставно прашање – можеме ли да му веруваме на Доналд Трамп и на Џеј Ди Венс дека ќе нè бранат од Владимир Путин?”, запраша на почетокот на расправата за EDIP еден од двајцата известувачи на Европскиот парламент за овој програм, Рафаел Глуксман од редовите на Социјалистите и Демократите (S&D).
„Ги бакнуваме рацете на Трамп, ги толерираме неговите изливи и се надеваме дека поради нив нема да изгори Украина, а ние заедно со неа. Но, ние сме сами пред рускиот режим кој води војна на нашиот континент и директно ни се заканува“, продолжи Глуксман, предупредувајќи дека „Европа ја забива главата во песок“ игнорирајќи ги предупредувањата од европските разузнавачки служби.
EDIP, кратенка за Европски одбранбен програм (European Defence Industry Programme), е договор постигнат по година и пол преговори меѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ, кој предвидува поддршка од 1,5 милијарди евра за европската одбранбена индустрија.
Програмот има за цел да ја олесни заедничката набавка, да ги зголеми производствените капацитети и да обезбеди снабдување со неопходната технологија. EDIP предвидува и соработка со украинската воена индустрија.
Глуксман во расправата во Стразбур истакна дека фокусот на EDIP е суверенитетот – европско производство финансирано со европски средства, врз основа на одлуки донесени во рамки на ЕУ.
„Ова е историски ден, но EDIP е само почеток, само зачеток на она што следува“, заклучи францускиот европратеник.
Извештајот за Предлог-уредбата на Европскиот парламент и Советот за воспоставување на Програмата за европската одбранбена индустрија и рамка на мерки за обезбедување достапност и пристап до одбранбени производи („EDIP“) пратениците го усвоија со 457 гласа „за“, 148 „против“ и 33 „воздржани“.
Пратениците што учествуваа во расправата, како и комесарот за одбрана Андриус Кубилиус, признаваат дека 1,5 милијарди евра е мал износ во однос на европските потреби во услови на сè понестабилни геополитички околности, но EDIP го поздравија како добредојден прв чекор.

