Амбасадорите на земји членки на ЕУ: Не губете време

Фото: Секретаријат на Европско движење EM-MK

Во свечената сала „Купола“ во Собранието на Република Северна Македонија денеска се одржа Осмата
пленарна конференција на Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК), посветена на
регионалните предизвици и реформските процеси на патот кон ЕУ.

Темата на конференцијата беше „Реформи од другата страна на реториката: Регионални предизвици на патот кон Европската Унија“ со акцент врз новиот План за раст за Западен Балкан, кој носи сериозни обврски.

Конференцијата ја отворија претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Националниот
совет за европска интеграција, Венко Филипче, заменик-претседателот на Комисијата за европски
прашања, Игор Здравковски, како и амбасадорките на Словачка, Ивета Хрицова и на Кралството
Холандија, Узлем Џанел.

Холандската амбасадорка во земјава Узлем Џанел, посочи дека ваквите платформи на дијалог предлагаат начини да се надминат познатите предизвици и регионот да се придвижи кон ЕУ.

– Мојата главна порака е ајде да не губиме скпоцено време. За Северна Македонија клучниот предизвик е да се отклучи формалниот почеток на преговори. Ние го делиме мислењето со ЕК дека овие уставни измени треба да се извршат и спроведат и посебно за Македонија и за регионот е важно да се заврши спроведувањето на потребните реформи и конкретните области се владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, но и реформите во јавната администрација, рече Џанел. 

Словачката амбасадорка Хрицова истакна дека Словачка, заедно со државите-членки на ЕУ цврсто стои зад земјава, истакнувајќи дека освен силната поддршка и техничката и финансиска помош, го споделува и искуството што тие го стекнале на нивниот пат кон ЕУ.

– Јас сум свесна дека одлуките што ви претстојат се политички и екстремно чувствителни и многу сложени и многу тешки да се искомуницираат на граѓаните. Меѓутоа, тие исто така претставуваат можност. Секој чекор што зголемува транспарентност и го подобрува владеењето е чекор кон побезбедна и поевропска иднина за вашата држава, рече амбасадорката на Словачка.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во своето обраќање нагласи дека европската агенда мора да
биде државен приоритет, а реформите не смеат да зависат од дневната политика.

– Ве уверувам дека стратегискиот интерес на Македонија е дефинитивно насочен кон ЕУ“, изјави тој.

Претседателот на Националниот совет за европска интеграција, Венко Филипче, рече дека
Планот за раст на ЕУ не смее да остане пропуштена шанса.

– Јасно е дека единствениот пат напред се европските интеграции. Евидентна е волјата на ЕУ за
проширување и доколку не ги забрзаме реформите, регионот ќе оди напред без нас. Во извештајот на ЕУ
јасно е констатирано дека реформи нема, особено во правосудството. Но, ако вака продолжиме, не сум
сигурен дека ЕУ нема повторно да не врати на ниво на скрининг, поентираше Филипче, повикувајќи да
преминеме од декларации кон резултати што ќе ја вратат довербата на граѓаните.

Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски, рече дека Националната
конвенција е од голема помош на патот кон ЕУ, затоа што дава можност за дебата на повеќе нивоа,
особено на полето на суштинските реформи кои произлегуваат од европската агенда. „Реформите мора
да продолжат, ако не сакаме да се втурнеме во ќор-сокак“, рече тој.

На конференцијата учествуваа и пратеници, амбасадори, високи претставници на министерствата, судии,
обвинители, адвокати, експерти од правосудството, како и претставници на институции и организации од
Словачка, Србија и Албанија, академската заедница, граѓанскиот сектор и членовите на работните групи
на НКЕУ-МК.

Конференцијата беше поделена во три панел-дискусии, преку кои се отворија три клучни прашања
за засилување на довербата и солидарноста во европските интеграции, за владеење на правото надвор
од политичката реторика, како и за економските реформи, конвергенцијата и регионалната поврзаност на
земјите од Западен Балкан.

Извор: Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен