Премиерот Христијан Мицкоски јавно влезе во тешка контра со германската амбасадорка Петра Дрекслер околу податоците за буџетските издвојувања за правосудството, тврдејќи дека секој што вели поинаку „или манипулира, или не ја говори вистината“.
Амбасадорката Дрекслер во својата изјава потсети на податоците на Европската комисија за ефикасноста на правосудството, според кои Германија инвестира околу пет пати повеќе по глава на жител во судството отколку Македонија. Мицкоски од собраниската говорница возврати дека неговите тези се базирани на извештај на Советот на Европа и дека Македонија, мерено како процент од БДП, издвојува повеќе за правосудството од 75 отсто од земјите-членки на ЕУ.
„Ова е факт, јас не сум го направил тој извештај, туку е финансиран од Советот на Европа. Секој кој што кажува различно, или манипулира, или не ја говори вистината – без разлика дали е надворешен дипломат, домашен експерт или политичар“, изјави премиерот во Собранието, повикувајќи се на анализа за 2022 година, објавена во 2024 година.
Според Мицкоски, Македонија издвојува 0,39 проценти од БДП за правосудниот систем, додека Франција издвојува 0,2, а Германија 0,3 проценти, при што европскиот просек, како што рече, е околу 0,3 проценти. Овие бројки, според него, докажуваат дека критиките за „потценето“ судство во буџетот не се засноваат на точни податоци.
Изјавата на Мицкоски доаѓа по интервјуто на германската амбасадорка за емисијата „360 степени“, во кое таа побара внимателно читање на бројките и подвлече дека Германија во апсолутни износи и по глава на жител издвојува значително повеќе средства за судството од Македонија. Таа порака отвори нов фронт во јавната дебата: едната страна се повикува на процент од БДП, другата на реални суми и инвестиции по граѓанин.
Овој вербален судир меѓу премиерот и германската амбасадорка дополнително ја поларизира политичката сцена во земјава. Дел од експертската јавност потсетува дека споредувањето на проценти од БДП не дава целосна слика, бидејќи во посиромашните земји и висок процент од БДП може да значи далеку помалку пари по глава на жител во споредба со богатите економии. Други, пак, сметаат дека фокусот на спорот ја засенува реалната тема – слабата ефикасност, недоволната независност и перцепцијата за корупција во правосудниот систем, кои не се решаваат само со повеќе пари, туку со длабоки реформи.

