Муртезани: Прво доверба со Софија, дури потоа трет протокол и уставни измени

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани порача дека идејата за трет протокол со Бугарија може да се разгледува дури откако ќе се обноват дијалогот и довербата меѓу Скопје и Софија. Тој потсети дека уставните измени се преземена обврска на земјава, но нагласи дека без јасни гаранции и адресирани грижи од бугарска страна, процесот не може да се отвори.

Изјавата доаѓа по гостувањето на претседателката Гордана Сиљановска Давкова на ТВ 24, каде таа ја отвори можноста за таканаречен „трет протокол“ со Софија – документ во кој би се запишало дека прашањата за историја, култура и идентитет нема да бидат услов за европскиот пат на Македонија. Таа оцени дека протоколите досега се само записници меѓу двајца министри и дека преку нов протокол би можело креативно да се „одврзат“ спорните точки од Договорот за добрососедство.

На прес-конференцијата во Скопје со министерката за европски прашања на Шведска, Јесика Розенкранц, Муртезани појасни дека фокусот по локалните избори е на „рестарт“ на односите со Бугарија. Според него, заедно со европските партнери се прават напори да се воспостави редовен дијалог и да се врати довербата, бидејќи без тоа не може да се говори ниту за надминување на спорот, ниту за конкретни модели како би изгледал евентуален трет протокол.

Министерот се осврна и на изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер, која изрази уверување дека се работи на уставните измени. Муртезани потврди дека измените на Уставот се неминовни и неопходни за да продолжат преговорите со ЕУ и да се отвори патот кон членство, но подвлече дека Македонија не може еднострано да го води процесот додека не бидат уважени и македонските грижи и дилеми.

Прашањето за трет протокол со Софија се отвора во момент кога евроинтегративниот процес на земјава е блокиран токму поради бугарското вето и условувањето со историски и идентитетски теми. Ставот на Муртезани дека прво треба да се „затоплат“ односите и да заживее дијалогот, а дури потоа да се разговара за конкретни решенија, укажува дека новата влада сака да избегне брзи потези без претходно градење политичка и меѓународна поддршка.

Зачлени се на нашиот е-билтен