Онлајн купувањето беше во подем години пред 2005 година, кога Националната малопродажна федерација (NRF) првпат го скова изразот „Cyber Monday“. Amazon е основан во 1994 година, eBay во 1995, а Walmart ја отвори својата веб-страница во 2000 година. Купувачите брзо се навикнаа да ги полнат своите виртуелни, а не физички кошнички. Сепак, секоја година со доаѓањето на Црниот петок, онлајн трговците остануваа без големиот скок во профитот што традиционално им го носеа физичките продавници.
„Како што растеше онлајн купувањето, компаниите кои постоеја исклучиво на интернет, како Amazon, бараа начин да го искористат празничниот викенд за зголемена продажба“, вели Кетрин Калeн, потпретседателка на NRF за индустриски и потрошувачки анализи. „Понеделникот по Денот на благодарноста беше посветен на онлајн попусти и се разликуваше од Црниот петок.“
Од првиот „официјален“ Сајбер понеделник, овој ден прерасна во најпрофитабилниот ден за е-трговија во историјата. Но последните години трговците значително го проширија своето онлајн присуство за време на Црниот петок, продолжувајќи ги попустите со недели. На тој начин, Црниот петок и Сајбер понеделник речиси се стопија, па многумина се прашуваат дали воопшто има разлика меѓу нив.
Поглед наназад: како изгледаа Сајбер понеделниците низ годините
Години наназад има јасни знаци дека е-трговијата доминира во празничната сезона, дури и за време на Црниот петок кој традиционално беше ден на физичка куповна треска. Во 2019 година, за првпат, Црниот петок го надмина Сајбер понеделник како најпрометен ден за онлајн купување, според податоците на NRF. Трендот продолжува секоја година, укажувајќи дека поделбата меѓу „куповина во продавница“ и „онлајн купување“ веќе нема тежина. Неделите што го опфаќаат „Cyber Five“ периодот (од Денот на благодарноста до Сајбер понеделник) денес се вистинска купувачка грозница – онлајн, офлајн или комбинирано.
Ништо, сепак, не постави темели за рекорден Сајбер понеделник како пандемијата во 2020 година. Затворањето на продавниците предизвика огромен скок во е-трговијата. Трговците агресивно ги туркаа онлајн продажбите, претворајќи ги Црниот петок и Сајбер понеделник во повеќенеделни настани, а продавниците ги затворија на Денот на благодарноста. Резултатот? Купувачите потрошија 10,8 милијарди долари на Сајбер понеделник 2020 — најголемиот ден на онлајн продажба во историјата на САД, според Adobe.
По огромниот успех во 2020, трговците продолжија да се потпираат на долги онлајн акции. Но во 2021 година, за првпат, онлајн приходите и на Црниот петок и на Сајбер понеделник паднаа за нешто над 1%. Стручњаците сметаат дека причината е што купувачите ги искористиле раните попусти и ја распоредиле куповината на повеќе денови.
Што да се очекува за Сајбер понеделник 2025?
Стручњаците предвидуваат дека во 2025 година продажбата на Сајбер понеделник ќе продолжи стабилно да расте, повторно правејќи го најпрофитабилниот ден за онлајн купување. Adobe проценува приход од околу 14,2 милијарди долари — раст од 6,8% во однос на претходната година. Ако прогнозите се остварат, 1 декември 2025 ќе биде најголемиот ден за онлајн купување во историјата на САД.
Сепак, попустите веројатно нема да бидат толку големи како порано. Поради повисоките тарифи воведени напролет, компаниите ги преиспитуваат своите стратегии. „Трговците се обидуваат да ги задржат цените ниски, но поради тарифите не можат да ги намалуваат како порано“, вели Лорен Марфи од Wells Fargo.
Трендови што треба да се следат
• Доминација на мобилното купување
Во Сајбер понеделник 2024 — 57% од купувањето беше направено преку мобилен телефон, највисок процент досега. Тоа се 7,6 милијарди долари — раст од 13,3% на годишно ниво. Во 2025 се очекува бројката да биде уште поголема. „Купувачите јасно го преферираат телефонот пред компјутер“, вели Вивек Пандија од Adobe.
• Инфлуенсерите и социјалните мрежи ја водат куповната одлука
Креаторите на содржини влијаат на купувањето дури 10 пати повеќе отколку социјалните мрежи во целина. Ексклузивни кодови, препораки, рецензии — купувачите бараат повеќе извори пред да одлучат.
• „Купи сега, плати подоцна“ достигнува рекорд
Овие платформи стануваат важен дел од мобилното плаќање. Adobe очекува дека Сајбер понеделник 2025 ќе биде првиот ден во историјата со над милијарда долари потрошени преку BNPL-услуги.
Како настанал Сајбер понеделник?
Сајбер понеделник се одржува првиот понеделник по Денот на благодарноста и Црниот петок. Во раните 2000-ти, NRF забележал интересен тренд: секој понеделник по празниците имало нагло зголемување на онлајн купувањето. Во 2005 година, терминот „Cyber Monday“ официјално бил претставен во медиумите и брзо го прифатиле трговците.
Во тоа време, повеќето луѓе немале домашни компјутери, па купувале на работа, веднаш по враќањето од празниците. Тоа овозможи пристап до поголем избор, вклучително и онлајн-ексклузивна понуда што не можела да се најде во физичките продавници.
Cyber Monday понуди нешто што Црниот петок не го нудеше: практичност, брзина и флексибилност. Луѓето можеа да купуваат кога и од каде им одговара. Денес, кога интернетот ни е достапен 24/7, оригиналната идеја звучи застарено, но традицијата опстојува.