Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утринава свика вонредна и целосно затворена средба со тимовите задолжени за енергетската стабилност на државата, соопшти претседателската прес-служба. Состанокот ќе се одржи во 10:30 часот во зградата на Генералниот секретаријат, далеку од очите на јавноста.
Состанокот се случува во критичен момент – Србија сè уште го чека одговорот од САД за издавање посебна работна лиценца за Нафтената индустрија на Србија (НИС), која се наоѓа под американски санкции поради мнозинската руска сопственост.
Ако Вашингтон денес не даде зелено светло, рафинеријата во Панчево и официјално ќе престане со работа.
Американски санкции, руска сопственост и часовник што отчукува
САД воведоа санкции кон НИС на 9 октомври, со барање Русија целосно да ја напушти сопственоста. Преговорите меѓу акционерите за продажба продолжуваат, но исход сè уште нема.
Наместо тоа, рафинеријата во Панчево веќе е ставена во режим на „топла циркулација“ – последниот чекор пред запирање на производството. Компанијата ХИП Петрохемија, во сопственост на НИС, најави дека и таа ќе биде принудена да престане со работа.
Според енергетскиот експерт Милош Здравковиќ, дури и краток прекин може да предизвика огромни штети:
– Рафинеријата не може да се исклучи со едно копче. Под 40% капацитет станува нестабилна. Ако стои шест месеци – следуваат корозија, оштетувања и драматични економски последици, вели тој.
Економски шок на хоризонтот?
Прекинот на рафинеријата значи дека Србија ќе треба целосно да се потпира на увоз на нафта, што ќе ја подигне цената на горивата и инфлацијата.
Пратеници предупредуваат дека затворањето на рафинеријата би оставило:
- 2.500 работници директно без работа,
- уште 3.500–4.000 кооперанти,
- над 12.000 вработени во НИС во неизвесност.
Србија меѓу Русија и Западот
Белград одбива да се приклучи на европските санкции против Русија, повикувајќи се на децениска зависност од рускиот гас. Но токму тие врски ја поставија земјата во кревка позиција.
Американските власти веќе испратија предупредување за можни секундарни санкции упатени кон Народната банка на Србија и комерцијалните банки доколку продолжат со трансакции со НИС. Доколку лиценцата не биде одобрена, банкарскиот систем ќе мора да го блокира работењето со компанијата.
Последниот обид на Вучиќ
Претседателот неодамна откри дека Србија ѝ дала уште 50 дена рок на Русија да најде купувач за својот удел.
– Ако нема продажба, ќе мораме да воведеме наша управа во НИС и да им ја платиме на руските партнери највисоката цена, рече Вучиќ.
Сепак, времето истекува – и денешниот одговор од САД може да биде пресуден.