Граничниот премин Евзони денес е целосно затворен, откако земјоделците од северна Грција повторно ја активираа блокадата со околу 150 трактори и земјоделски возила. Преминот беше затворен нешто по пладне, а засега нема најави кога сообраќајот ќе биде деблокиран.
Според првичните информации, тракторите се паркирани директно на преминот, оставајќи ги патниците и товарните возила во целосен застој во двата правци. Блокадите се повторуваат без претходна најава, практика што грчките земјоделци ја применуваат со години при организирање протестни активности. Секој ден земјоделските комисии решаваат кога и колку долго ќе бидат затворени клучните патни правци.
На грчката страна моментално се распоредени околу 150 трактори и тешки возила, што во целост го оневозможува транзитот меѓу двете земји.
Проблемите не се ограничени само на Евзони. Земјоделците денес се обиделе да стигнат и до преминот Промахонас кон Бугарија, каде што успеале да ја заобиколат полициската блокада. Во регионот Тесалија продолжуваат протестите на автопатот Солун–Атина, каде што според тамошните здруженија учествуваат над 4.000 трактори.
Грчките земјоделци со денови протестираат поради високите трошоци за производство, ниските откупни цени и недоволната државна поддршка. Според најавите, блокадите ќе продолжат и во следните денови, што може дополнително да влијае врз сообраќајот и транспортот во регионот.

