Мадуро: Армијата е распоредена низ целата земја поради американските закани

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро соопшти дека вооружените сили на земјата се распоредени ширум државната територија како одговор на, како што ги оцени, заканите од американската администрација.

„Дваесет и две недели воена, цивилна и полициска обука ја доведоа Венецуела до највисоко ниво на сеопфатна одбранбена способност што некогаш сме го достигнале. Подготвени сме да ја браниме нашата земја, суверенитет и достоинство, и да им гарантираме слободна и суверена татковина на идните генерации“, изјави Мадуро во видео-обраќање.

Тој потсети дека Венецуела во изминатите пет месеци спроведувала воени вежби под називот „Независност 200“, како реакција на заканите што, според него, доаѓаат од САД.

Мадуро ги осуди постапките на Вашингтон и оцени дека „психолошкиот терор“ не успеал да ја одврати Венецуела од, како што рече, „изградба на силна татковина“.

Од почетокот на септември, американските борбени авиони изведуваат напади врз бродови за кои се тврди дека превезуваат дрога од Венецуела и други земји во регионот. Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати се закани дека би можеле да бидат погодени и цели на копно.

Во последните месеци САД значително го засилија своето воено присуство на Карибите, наведувајќи ја борбата против трговијата со дрога како главна причина за своите операции.

Зачлени се на нашиот е-билтен