Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека Киев подготвува нови разговори со американските претставници, по средбата што американската делегација ја одржа со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.
„Се подготвуваме за состаноци во Соединетите Држави“, изјави Зеленски во своето вечерно обраќање, додавајќи дека Украина во следните неколку дена очекува нови информации за процесот.
Преговорите од украинска страна ќе ги водат секретарот на Советот за национална безбедност Рустем Умеров и началникот на Генералштабот Андриј Хнатов, потврди Зеленски.
Тој го оцени напредокот во досегашните дискусии како „добар“, повикувајќи се на претходните разговори во Женева и Флорида за американскиот предлог за потенцијално завршување на војната. Според Зеленски, успехот зависи од комбинација на конструктивна дипломатија и континуиран притисок врз Русија.
На шестиот состанок со Путин, специјалниот американски пратеник Стив Виткоф ја презентираше моменталната позиција на Вашингтон во однос на мировниот процес, а за првпат му се придружи и зетот на американскиот претседател, Џеред Кушнер.
По пет часа разговори, советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, изјави дека никаков компромис сè уште не е постигнат.
Русија повеќе од три и пол години води војна против Украина.

