Десетици илјади граѓани излегоа во понеделник на масовни антивладини протести во Бугарија, продолжувајќи го антикорупцискиот бран што ја зафати најсиромашната земја во Европската унија во пресрет на усвојувањето на еврото, пренесува Дојче веле.
Под слоганот „Нема да не лажат“, демонстрации беа одржани во повеќе градови, а најмасовниот протест се случи во главниот град Софија. На улиците доминираа млади, но меѓу демонстрантите имаше луѓе од сите генерации, од деца на рамената на своите родители до пензионери.
Протестите пред бугарскиот парламент беа толку големи што тешко можеше да се мине низ толпата. Во јавниот превоз владееше метеж, а жителите на Софија се слеваа кон Плоштадот на независноста, носејќи бугарски и знамиња на ЕУ. На големиот екран на плоштадот се прикажуваа видеа и мимови кои ги исмеваа политичарите, што дополнително ја нагласуваше улогата на младите како главна движечка сила на протестите.
„Генерација Z нема да молчи!“, скандираше масата, а коментарите на присутните говореа за чувство на нова, младинска енергија што ја поттикнува граѓанската мобилизација.
Демонстрациите започнаа минатата недела како реакција на предложениот државен буџет за 2026 година, кој предвидува зголемени даноци и придонеси. Синдикатите и работодавците го оценија како „најлошиот буџет во последните 30 години“. Иако премиерот во сенка и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, првично најави дека буџетот ќе биде повлечен по протестите, одлуката подоцна беше поништена, предизвикувајќи уште поголемо незадоволство.
Младите јавно истапија со пораки дека сакаат причина да останат во својата земја, подобри услови за образование, здравство и достоинствено платени работни места.
Демонстрантите упатуваат најжестоки критики кон Борисов и влијателниот олигарх Делјан Пеевски, кој е под санкции на САД и Велика Британија. Иако неговата партија официјално не е дел од владејачката коалиција, Пеевски има значително политичко влијание. Критичарите ги обвинуваат двајцата за корупција, непотизам и контрола врз институциите, што долго време е причина за критики од Европската комисија и организациите за човекови права.
Бугарија е рангирана на претпоследно место во ЕУ според Индексот за перцепција на корупцијата за 2024 година, а и медиумските слободи се меѓу најограничените во Унијата.
Кога дел од толпата се упати кон седиштето на партијата ДПС, ситуацијата се влоши. Дел од демонстрантите почнаа да фрлаат шишиња и пиротехника, а беа демолирани и канцеларии на ГЕРБ. Иако групата која ги предизвика инцидентите беше мала, таа го привлече вниманието на полицијата и медиумите.
Полицајци, пак, за DW изјавија дека не сакаат да употребат сила против сограѓани, бидејќи „половина од луѓето што ги познаваат се на протестот“.
По двојното повлекување на буџетот, парламентот во средата гласаше за негово укинување. Но, опозициската коалиција најави дека ќе бара оставка на владата и гласање доверба во петок. Претседателот Румен Радев, исто така, ја критикуваше владата и повика на предвремени избори, што дополнително ја зголеми политичката тензија.
Иако поминаа два дена од најмасовните демонстрации, атмосферата во Бугарија останува напната. На социјалните мрежи веќе се организираат нови собири за следната недела, што укажува дека протестниот бран нема да стивне скоро.

