Светската здравствена организација (СЗО) објави дека во текот на 2024 година од маларија починале околу 610.000 лица, при што најголемиот број од жртвите се мали деца во подсахарска Африка.
Според податоците што ги пренесе Ројтерс, бројот на заболени и починати пораснал во однос на 2023 година. Проценките покажуваат дека случаите се зголемиле од 273 милиони на 282 милиони.
СЗО предупредува дека борбата против маларијата стагнира веќе една деценија. Иако 47 земји се сертифицирани како „ослободени“ од болеста, некои држави, меѓу нив Етиопија, Мадагаскар и Јемен, бележат раст на бројот на заразени.
Зголемената отпорност на лекови и инсектициди, климатските промени и вооружените конфликти дополнително го усложнуваат контролирањето на болеста.
Финансиската поддршка за програмите за спречување и лекување на маларијата е значително под потребното ниво. Во 2024 година глобалните вложувања изнесувале 3,9 милијарди долари, далеку под целта од над 9 милијарди долари.
СЗО предупредува дека доколку не се зголемат средствата, може да дојде до масовно и неконтролирано повторно појавување на маларијата.
Даниел Нгамије Маданди, директор на глобалната програма за маларија при СЗО, нагласува дека новите алатки, модерни третмани, подобрена дијагностика и вакцини, носат реална надеж. Но, за да имаат вистински ефект, мора да бидат достапни за луѓето во најголем ризик.
„Потребни се силна ангажираност од владите и поголема поддршка од меѓународните донатори,“ порача Маданди.

