DW: Кој го краде употребеното масло за пржење? Криминални групи низ Германија заработуваат милиони

Штетата е огромна, криминални групи низ цела Германија масовно крадат употребено масло за пржење од ресторани и ланци за брза храна, претворајќи го во извор на висока заработка, објави „Дојче веле“.

Кражбите се случуваат и дење и ноќе. Од дворовите на ресторани и барови исчезнуваат канти, или крадците го прелеваат маслото во сопствени контејнери. Новинарите на германскиот јавен сервис SR поседуваат десетици снимки од надзорни камери во различни покраини што ја документираат оваа појава.

Причината за кражбите е едноставна: употребеното масло за пржење станало вредна суровина. Рестораните го продаваат на компании за рециклирање, а тие го препродаваат на рафинерии или го преработуваат во биодизел. Компаниите добиваат и до 900 евра за една тона преработено масло.

Но, поради честите кражби, бизнисот на легалните оператори е сериозно загрозен. Еден од нив е Штефан Хенинг од Гермерсхајм, чија фирма запошлува 18 луѓе. Тој вели дека само оваа година изгубил околу 40.000 евра, оценувајќи дека неговата дејност е „егзистенцијално загрозена“.

„Имаме две до три кражби дневно што можеме да ги докажеме“, изјави Хенинг.

Германската асоцијација за индустрија за отпад, вода и рециклирање (BDE) проценува дека годишната штета се мери во милиони евра. Голем број компании веќе поднеле над стотина кривични пријави, но без конкретни исходи.

„Проблемот е што многу полициски станици првично проценуваат дека станува збор за ситен прекршок. А всушност се соочуваме со високо организирана криминална мрежа“, предупредува Сања Рот од BDE.

Истрагите најчесто се сведуваат на поединечни возачи фатени со канти масло во комбиња, додека потенцијалните организатори остануваат недопрени. Министерството за внатрешни работи во Рајна-Палатинат, пак, тврди дека „нема докази за организиран криминал“.

Во недостиг на институционална реакција, фирмите самостојно преземаат мерки. Некои ги опремуваат кантите со GPS-уреди за следење, па во реално време може да видат како крадците ги изнесуваат преку границата најчесто во Холандија.

Еден анонимен информатор за SR потврдува: криминалците не стравуваат од казна.

„Го нарекуваат Германија ‘Елдорадо’. Отворено признаваат дека крадат без никаква грижа на совест“, вели тој.

Стручните процени покажуваат дека употребеното масло за пржење ќе стане уште побарана суровина поради растечкото производство на биодизел. Тоа значи и поголеми цени – а со тоа и поголем интерес на криминалните групи.

Компаниите како онаа на Хенинг стравуваат дека трендот ќе продолжи, а државата засега нема ефективен механизам да го спречи.

Зачлени се на нашиот е-билтен