Границата со Грција целосно блокирана – трактори го прекинаа сообраќајот кај Евзони

Земјоделските протести во Грција денеска ја прекинаа комуникацијата меѓу Македонија и јужниот сосед, откако демонстрантите со трактори и земјоделска механизација го затворија граничниот премин Евзони, како и делови од автопатот Солун–Атина.

Според грчкиот весник „Катимерини“, протестите се интензивираат низ целата земја, а блокадите се прошируваат на клучни патни правци, локални сообраќајници и меѓународни транспортни коридори. Премините Евзони и Промахонас се меѓу најпогодените, а земјоделците разгледуваат и построги мерки, вклучително и ограничувања за товарниот сообраќај.

Најголеми тешкотии има во регионот Тесалија, кој сè уште закрепнува од поплавите. Националните правци Атина–Солун и Е65 се делумно или целосно затворени, што предизвикува сериозни застои. Тензии имаше и кај Кијато, каде полицијата употреби солзавец за да спречи обид за блокада на делницата „Олимпија Одос“.

Во Централна Македонија, протестите продолжуваат без прекин. Од 1 декември земјоделците ги држат затворени јужните ленти на автопатот Солун–Атина кај Малгара, а периодично го запираат и сообраќајот кон север. Нови тракторски колони се формираат во Верија, Халкидоно, Пела и Флорина, од каде се планираат маршеви кон граничните премини.

Еден од најголемите протестни кампови останува оној кај Никеа, близу Лариса, каде стотици трактори веќе неколку дена ја држат блокадата. Земјоделците најавуваат засилување на протестите следната недела, со нови митинзи и дополнителни прекини на патниот сообраќај.

Во западните делови на Грција, пак, нови блокади го зафатија автопатот Патра–Пиргос, а демонстрантите најавуваат дека акциите ќе продолжат да се шират.

Земјоделците бараат исплата на заостанатите субвенции и обештетувања, намалување на производствените трошоци, како и итна поддршка за сточарите погодени од последниот бран сипаници кај добитокот, кој значително ги намали стадата овци и кози.

Зачлени се на нашиот е-билтен