Русија има намера да развива партнерски и братски односи со Србија, и покрај злонамерните постапки на непријателите на двете земји.
Ова го изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пренесе ТАСС.
„Србија, да ве потсетам, е една од земјите-основачи на светската организација (ОН), одговорен учесник во меѓународниот процес и очекуваме дека оваа пријателска земја ќе го зачува својот суверенитет, ќе продолжи да се води од сопствените приоритети, прагматично и внимателно ќе го гради својот надворешнополитички курс и ќе ги брани основните вредности и традиции на својот народ. Од наша страна, секако, би сакале да продолжиме да развиваме партнерски и братски односи со Србија во духот на пријателството и меѓусебното почитување, и покрај злонамерните напори на оние кои можат да се наречат наши заеднички непријатели, кои на секој начин се обидуваат да го попречат развојот на нашите билатерални односи и, според мене, сакаат да го забават развојот на Србија како независна суверена држава и да му наштетат на благосостојбата на српскиот народ“, истакна рускиот дипломат.
Одговарајќи на прашање за ставот на Србија во врска со руската агресија во Украина, Захарова нагласи дека ова е одлука што му припаѓа на самиот српски народ.
„Што се однесува до постигнувањето на целите на специјалната воена операција (термин што го користи Москва за војната во Украина, н.з.) од страна на Русија, таа е насочена кон зајакнување на природните трендови во развојот на современиот свет. Ова се однесува, пред сè, на преминот кон мултиполарен поредок заснован на принципот на суверена еднаквост на државите, почитување на нивните легитимни права и интереси и доследно почитување на основните одредби од Повелбата на ОН во нивната целовитост и меѓусебна поврзаност“, нагласи портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.
Овие денови единствената српска рафинерија за нафта престана да работи поради санкциите на САД против Српската нафтена индустрија (НИС). Причината за санкциите е мнозинскиот руски удел во сопственоста на рафинеријата.
Од октомври минатата година, НИС е под санкции како дел од мерките на Вашингтон против рускиот енергетски сектор по руската инвазија на Украина во 2022 година. Долгоодложуваните санкции, првично објавени во јануари, почнаа да се спроведуваат на 9 октомври, оставајќи го Белград да бара решение за претстојната енергетска криза.

