Битолчанка остана без 20.000 евра по лажен „несреќен случај“

Битолчанка остана без 20.000 евра по телефонска измама во која непознат маж ѝ продал приказна за „несреќен случај“ со нејзината ќерка и итна операција со златни шипки. Жената, на возраст од 70 години, во страв дека детето ѝ се бори за живот, собрала сè што имала и за неколку часа ги предала парите – дури подоцна, кога лично се слушнала со ќерката, сфатила дека станува збор за класична измама.

Според пријавата во СВР Битола, поднесена вчера во 10:19 часот, непознато лице се јавило на домашниот телефон на пензионерката и се претставило како човек што е со нејзината ќерка во болница. Во драматичен тон ѝ кажал дека ќерката паднала по скали, ја искршила вилицата и ногата и дека лекарите мора веднаш да ѝ стават златни шипки, но операцијата наводно не можела да започне без готови пари. Измамникот инсистирал да се реагира веднаш, без јавување во други институции и без многу прашања.

Исплашената жена, убедена дека од брзината зависи здравјето на ќерката, собрала 20.000 евра и ги однела на договорено место, како што ѝ било кажано по телефон. Таму ги оставила парите, без директен контакт и без било каква потврда. Дури откако подоцна ѝ се јавила ќерката и ѝ кажала дека е добро и дека воопшто немала несреќа, станало јасно дека е жртва на добро познат, но сè поагресивен модел на телефонска измама. Случајот е пријавен во полиција, а од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и идентификација на измамникот.

Ова не е изолиран инцидент, туку дел од серија слични измами во кои мета се повозрасни граѓани, најчесто родители и пензионери. Во октомври, друга битолчанка пријавила дека дала околу 27.000 евра на човек што ѝ се претставил како лекар и ја убедил дека ќерка ѝ имала тешка сообраќајка и дека мора да плати за операција. И во тој случај, парите биле оставени на договорено место, а вистината излегла на виделина дури откако жената се слушнала со ќерката.

Полицијата со месеци предупредува дека токму ваквите сценарија – пад по скали, сообраќајка, итна операција, „лекар“ или „полицajец“ на телефон – се дел од репертоарот на организирани групи што ги таргетираат повозрасните граѓани, особено во внатрешноста. Клучот на измамата е стравот и чувството на вина: жртвите се притискаат да реагираат веднаш, им се сугерира да не се јавуваат во болница или полиција и да ги подготват парите „за да не биде предоцна“.

Новиот случај од Битола уште еднаш покажува колку е ранлива оваа група граѓани кога во прашање е здравјето на најблиските. МВР апелира семејствата да разговараат со своите родители и баби и дедовци, да им објаснат дека ниту една болница, ниту било која институција не бара пари на рака, по телефон, ниту на улица, и дека во вакви ситуации првиот чекор секогаш мора да биде проверка – директен контакт со роднината, јавување на 112 или во најблиската полициска станица. Додека полицијата ги брка измамниците, единствената вистинска заштита е луѓето да научат да не им веруваат на вакви „несреќни приказни“ што завршуваат со барање за готови евра.

Зачлени се на нашиот е-билтен