Двајца 18-годишници осомничени за палење на облакодерот Вјесник остануваат во притвор, бидејќи вонсудскиот совет на Загребскиот окружен суд денес ја отфрли жалбата на нивните адвокати.
Тие беа осудени на притвор за да не го повторат злосторството.
„Немаме право да се жалиме на оваа одлука. Мајката на мојот клиент се надеваше на поинаква одлука, како и јас, но еве каде сме“, рече адвокатот на вториот осомничен, Петар Барбир, пренесува хрватскиот портал 24sata.
Се сомнева дека вечерта на 17 ноември, додека престојувале со пријатели во облакодерот на Вјесник, двајца млади запалиле хартија, по што пожарот избувнал и се проширил.
Иако сè уште нема резултати од истрагата или вештачењето, односно не се знае точно што била причината за пожарот, обвинителството ги товари овие двајца тинејџери за еден од најголемите пожари што го погодија Загреб.
За среќа, во пожарот никој не е повреден.
Властите одлучија дека облакодерот на Вјесник мора целосно да се сруши, но сè уште не е одлучено како и кога ќе се направи тоа, иако зградата е прогласена за небезбедна и може да се сруши.

