Грчките власти донесоа одлука утре да бидат затворени сите основни и средни училишта, јавни и приватни во регионот Атика и на островот Родос, поради опасното невреме предизвикано од бурата „Бајрон“, која ги зафати источните и јужните делови на земјата.
Регионалниот гувернер на Атика, Никос Хардалијас, изјави дека мерката е донесена превентивно, со целосен фокус на безбедноста на учениците:
„Безбедноста на нашите деца е апсолутен приоритет. Одлуките ги носиме врз основа на научни податоци и не преземаме непотребни ризици,“ пренесува „Катимерини“.
Одлуката е донесена по координација со Секторот за цивилна заштита и Министерството за образование. Слична мерка воведе и градоначалникот на Родос, Александрос Колијадис, кој соопшти дека и на островот утре нема да се одржува настава.
Покрај образовниот сектор, опасното невреме предизвикува сериозни проблеми и во сообраќајот. Во источен Мани и општина Евротас се издадени предупредувања поради појава на свлечишта и поројни дождови, јавува Танјуг.
На делници од националниот пат Спарта – Гитео, сообраќајот е целосно во прекин поради поплавени делови од трасата, а возилата се пренасочуваат по алтернативни патишта.
Грчките служби остануваат во состојба на зголемена готовност додека бурата продолжува да се движи преку регионот.

