Бурата „Бајрон“ донесе хаос во делови од Грција. Обилните дождови што од синоќа го погодуваат источниот и јужниот дел на земјата предизвикаа поплави на патиштата, прекин на сообраќајот и затворање на училиштата во повеќе региони.
Националниот автопат Атина – Коринт утрово беше затворен на делница поради лизгање на земјиштето и големи количини насобрана вода на коловозот. Поплавени се и други патишта, а во неколку области биле забележани и паднати дрвја, што дополнително го отежнува движењето и работата на екипите на терен.
Во Мегара и Мандра, населби западно од Атина, преку бројот за итни известувања 112 рано изутрината била испратена порака до жителите да се повлечат од подрумите и приземјата и да се искачат на повисоките катови, поради опасност од надојдени води и нови поплавни бранови.
Грчките власти соопштија дека противпожарната служба, вооружените и безбедносните сили, шумските служби и Механизмот за цивилна заштита се ставени во состојба на готовност. Подигната е и приправноста во министерствата за здравство, инфраструктура и транспорт, животна средина и енергетика, труд и социјална сигурност, култура, како и рурален развој и храна, со цел побрз одговор на евентуални нови проблеми на терен.
Паралелно со инфраструктурните проблеми, ударот на „Бајрон“ сериозно го наруши и секојдневието на граѓаните. Во регионот Атика, каде спаѓа и Атина, како и на островот Родос, денес не работат сите јавни и приватни основни и средни училишта. Регионалниот гувернер на Атика, Никос Хардалијас, нагласи дека безбедноста на децата е „приоритет за кој не може да се преговара“ и дека одлуките се носат врз основа на научни податоци и без преземање непотребни ризици.
Одлуката за затворање на училиштата е донесена по консултации со службите за цивилна заштита и Министерството за образование, а дополнително градоначалникот на Родос, Александрос Колијадис, најави дека училиштата на островот нема да бидат отворени ниту утре, доколку временските прилики не се стабилизираат.
Сцените од поплавените улици и блокираните делници уште еднаш го отвораат прашањето за ранливоста на медитеранските земји на екстремни временски појави. Грчките власти апелираат граѓаните внимателно да го следат предупредувачкиот систем 112, да избегнуваат непотребни патувања низ погодените подрачја и строго да ги почитуваат инструкциите на службите на терен, додека трае влијанието на бурата „Бајрон“.

