Германија ја затвора квотата: стоп за нови работници од Балканот во 2025

Квотата за вработување во Германија според посебната Западнобалканска регулатива за 2025 година е официјално затворена – сите 50.000 работни дозволи се веќе поделени. Тоа значи дека до крајот на годината нема да се одобруваат нови барања за работници од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.

Според постапката што Берлин ја усвои во јуни 2024 година, процесот изгледа едноставно – барем на хартија. Прво, германскиот работодавач бара претходно одобрение од Федералната агенција за труд, а потоа работникот од Западен Балкан со веќе потпишан договор и тоа одобрение поднесува барање за виза во конзуларните канцеларии, преку т.н. забрзана постапка. Но во моментот кога ќе се исполни годишниот „плафон“ од дозволи, системот едноставно се затвора: секое ново барање автоматски добива одговор „нема место во квотата“.

Во јуни 2024 година Германија ја зголеми годишната квота за оваа шема на 50.000 работни дозволи, токму затоа што се покажа како еден од најфункционалните канали за легално доаѓање на работници од регионот. Сега, Федералната агенција за вработување ги информираше работодавачите дека сите 50.000 дозволи се веќе искористени до почетокот на декември и дека сите нови барања до крајот на годината ќе бидат одбиени.

Разочарувањето за многумина е двојно. Од една страна, работниците кои се надеваа дека токму годинава ќе заминат – со веќе најдени работни места или договорени посредници – остануваат пред затворена врата. Од друга страна, германските компании што се соочуваат со хроничен недостиг на работна сила во угостителството, градежништвото, логистиката и услугите подолго време предупредуваат дека квотите се премали во однос на реалните потреби на пазарот.

Дополнителна неизвесност внесува и политиката. Во коалицискиот договор во Берлин, владејачките партии се договорија квотата, која неодамна беше зголемена на 50.000, повторно да ја преполоват – на 25.000 годишно. Здруженијата на работодавци веќе реагираа дека тоа е чекор наназад: наместо да се искористи проверен канал преку кој доаѓаат вработени што плаќаат придонеси и остануваат во системот, државата испраќа сигнал дека сака да ја затегне политиката токму таму каде што работната сила ѝ е најпотребна.

Посебната Западнобалканска регулатива останува важен вентил за сите шест држави од регионот. Таа дозволува вработување и за лица без „класично признати“ германски квалификации, под услов да има валидна понуда за работа и исполнети основни критериуми. За илјадници луѓе од Северна Македонија ова правило беше, и останува, една од ретките јасно обележани патеки кон германскиот пазар на труд – со законски рамки, јасни процедури и помалку сива зона.

Но, исполнетата квота за 2025 година покажува и колку е силна таа миграциска струја. Во практика, тоа значи дека оние кои деновиве аплицираат преку ова правило ќе добијат одбивање, а нивниот случај нема автоматски да се пренесе во 2026 година. Работодавците ќе мора да поднесат нови барања за следната година – дел од нив веќе во декември, со надеж дека ќе фатат место во новиот круг. За работниците, тоа е уште една година чекање, уште една лотарија со квоти, термини и документи.

Зачлени се на нашиот е-билтен