Никој не сакаше во кадар со Лавров: Дипломатски бојкот на Г20

Фото: UN Photo / Jean-Marc Ferré

Дипломатските тензии околу Русија го засенија состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во американскиот град Атланта. Традиционалното заедничко фотографирање беше откажано откако повеќе европски министри, како и претставници на други западни земји, одбија да се најдат во ист кадар со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Според информации на Си-ен-ен и Ројтерс, повеќе од една третина од присутните претставници се спротивставиле на заедничкото фотографирање со Лавров, а дел од нив најавиле дека ќе го напуштат местото за фотографирање доколку тој учествува.

Покрај европските земји, против заедничката фотографија се изјасниле и претставници на Австралија и Канада.

Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој беше домаќин на состанокот, одлучил целосно да го откаже фотографирањето за да избегне дипломатски инцидент што би го засенил дневниот ред.

Две фотографии, една со Лавров и една без него?

Според дипломатски извори, американската страна првично разгледувала можност да организира две одделни фотографирања – едно со рускиот министер и друго без него.

Сепак, од оваа идеја се откажале, а традиционалната групна фотографија била целосно отстранета од официјалната програма.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул порача дека не може да има заедничко фотографирање со Лавров бидејќи односите со Русија не се нормализирани.

Противењето на западните министри е поврзано со продолжувањето на руската војна против Украина и со несогласувањата околу политиката кон Москва.

Г20 без фотографија, но и без заеднички политички став

Откажаното фотографирање не беше единствениот знак на поделби на состанокот.

Министрите не успеаја да усогласат заедничко соопштение за клучните меѓународни прашања, меѓу кои војната во Украина, тензиите околу Иран, трговските спорови и безбедноста на меѓународните поморски патишта.

Наместо заедничка декларација, беше предвидено американскиот државен секретар да објави претседателско резиме на разговорите.

Состанокот се одржа во пресрет на декемврискиот самит на лидерите на Г20, чиј домаќин ќе биде американскиот претседател Доналд Трамп.

Иако министрите ги продолжија разговорите, инцидентот со фотографирањето ја покажа длабочината на дипломатските поделби.

Традиционалната групна фотографија на меѓународните самити обично е симбол на соработка и дипломатски дијалог. Овојпат, токму отсуството на фотографија стана една од највпечатливите пораки од состанокот.

Додека Лавров остана дел од преговарачката маса, западните министри одбија со заедничка фотографија да испратат порака дека односите со Москва се вратени во нормала.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?